Газдата на опожареното „ауди“ што го користеше Груби, го продал некогашниот хотел на „Гранит“ на Шапка!

Поранешниот хотел на „Гранит“ на Попова Шапка стана актуелен кога „Гранит го продаде за 55 илјади евра на компанија со еден вработен што работеше со загуби – „Еуро Ком Лигхтинг“, и тоа непосредно пред „Гранит“ да го добие вториот милионски тендер за изградба на првите 2 километри од автопатот кон Блаце. Во меѓувреме, се испостави дека газдата на „Еуро Ком Лигхтинг“, Беким Лимани, бил формален сопственик на опожареното „ауди“ што го управуваше тогашниот прв вицепремиер Артан Груби. Според најновите податоци до кои дојдовме, „Еуро Ком Лигхтинг“ го продала недвижниот имот на Шапка, чиј нов сопственик моментално е „Хотел Скардус“.

by vlatko 14:55
14:55

Друштвото „Еуро Ком Лигхтинг“, кое, како што своевремено пишуваше „Фокус“, го купи поранешниот хотел на „Гранит“ на Попова Шапка за само 55 илјади евра, и тоа непосредно пред „Гранит“ да го добие вториот милионски тендер за изградба на првите 2 километри од автопатот кон Блаце, неодамна го продала овој имот.

„Гранит“ го продаде хотелот на Шапка на човек-фирма, па доби нов милионски тендер за автопатот кон Блаце!

Имено, промената на сопственоста на недвижниот имот, кој беше претставуваше врска меѓу јавен функционер, приватни компании и тендерски постапки, ја потврдуваат официјалните податоци од Катастарот на недвижности, кои всушност покажуваат дека нов сопственик на поранешниот хотел на „Гранит“ на Шапка е компанијата „Хотел Скардус“ со седиште во Тетово.

Станува збор за недвижен имот на катастарска парцела со број 1/37, во рамки на катастарска општина Лисец-вон град, катастарско одделение Тетово. Според катастарската евиденција, се работи за земјиште од околу 150 квадратни метри, со објект со внатрешна површина од 278 квадрати.

Како што своевремено објавивме, оваа парцела се формира во 1999 година, кога впрочем со решение и се доделува на „Гранит“. Во 2013 година, пак, оваа градежна компанија успева да го легализира со елаборат, врз основа на Законот за легализација на бесправно изградени објекти.

Така, нема промени во сопственоста се до 2022 година, кога имотот преминал во сопственост на „Еуро Ком Лигхтинг“. Поточно, договорот за купопродажба е склучен на 15.8.2022 година и потоа е солемизиран на 14.10.2022 година, додека промената во катастарот е запишана на 17.10.2022 година.

Односно, договорот меѓу „Гранит“ и „Еуро Ком Лигхтинг“ е склучен нецели 5 месеци пред да биде склучен вториот договор за јавна набавка меѓу „Гранит“ и ЈП за државни патишта за доградба на 2-километарската автопатска траса до Блаце вреден 14 милиони евра, а целата постапка за хотелот на Попова Шапка е завршена 2 месеци пред потпишувањето на овој договор за јавна набавка.

Притоа, вреди да се напомене дека огласот за распишувањето на тендерската постапка за комплетирање на автопатската делница од ЈП за државни патишта е објавен на 21.10.2022 година, што е само неколку дена откако на 17.10.2022 година во катастарот е запишана промена на сопственоста на хотелот на Попова Шапка.

Инаку, договорот е потпишан на сума од 55 илјади евра, од што произлегува дека земјиштето од 150 квадрати било продадено за сума од 366 евра по квадрат, во која влегува и објектот, што беше далеку помалку од цената за која се продаваа недвижности во истиот реон во тоа време. Иако објектот беше во лоша состојба, сепак, со себе носи право на градба со иста намена – хотел.

Што се однесува до „Еуро Ком Лигхтинг“, во времето кога го купи хотелот од „Гранит“ имаше еден вработен и работеше во загуба. Првично, компанијата била основана од Суат Аљија, додека подоцна преминува во сопственост на Беким Лимани. Тој порано имаше турски државјанин за партнер, но денес се јавува како единствен сопственик.

Во меѓувреме, се случи еден настан што Лимани го доведе во директна релација со тогашниот прв вицепремиер од ДУИ Артан Груби, кој по политичките промени беше ставен на „црна листа“ на САД и стана осомничен во случајот со Државна лотарија. Се работи за настан од 2023 година, кога беше опожареното возило марка „ауди А6“ што го користел и управувал токму Груби.

Арно ама, се испостави дека формален сопственик на ова „ауди“ бил газдата на „Еуро Ком Лигхтинг“ – Лимани, кого Груби го нарекуваше „близок пријател и успешен деловен човек“. На тој начин, опожареното возило го поврза Груби со компанијата која за 55 илјади евра купи хотел на Шапка од друга компанија, која пак доби 2 тендери за изградба на 2 километри од автопатот кон Блаце, при што вториот договор го склучи додека на чело на ЈПДП беше Ејуп Рустеми од ДУИ.

Неодамна, „Фокус“ доби информација дека „Еуро Ком Лигхтинг“ одлучила да го продаде овој недвижен имот на тетовската „Хотел Скардус“, која веќе има хотел на Попова Шапка. Па, со цел да ја провериме оваа информација, уште во април годинава се обративме и до „Еуро Ком Лигхтинг“ и до „Хотел Скардус“, со прашање дали е точно дека се случила купопродажна зделка, и, ако е така – под какви услови?

Оттогаш до денес, воопшто не добивме одговор од „Хотел Скардус“, но веднаш ни одговори Лимани од „Еуро Ком Лигхтинг“, кој уште во април ни изјави: „За жал, спомената руинирана парцела од тотално 152 м2 на Попова Шапка не успеав да ја развијам и затоа одлучив да ја продадам по приближна набавна цена, но не е точно дека е продадена и дека е купена од било кого досега“.

Што се случува со фирмата, чиј газда го поседуваше запаленото „ауди“ на повратникот Груби?

Сепак, последните проверки што ги извршивме во Катастарот на недвижности покажуваат дека веќе како нов сопственик на овој имот е запишан „Хотел Скардус“. Ако е точно она што го вели Лимани дека одлучил да го продаде имотот по „приближно набавна цена“, тогаш купопродажната зделка треба да изнесува околу 55 илјади евра.

Зошто автопатската траса од 2 километри кон Блаце поскапе од 14 на 28 милиони евра?

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести