Отфрлена кривичната пријава против Тричковски, за колумна каде го нарекува Иванов „Лудакот од Паљурци“

by fokus

Основното јавно обвинителство ја отфрли кривичната пријава против новинарот, Бранко Тричковски, кој во колумна објавена пред околу шест месеци го критикува претседателот, Ѓорге Иванов, и го нарекува „Лудакот од Паљурци“.

„Јавниот обвинител ја анализираше објавената колумна на пријавениот, како и  неговите објави на една социјална мрежа кои беа предмет на известувањето доставено од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи. Заради оцена на наводите во кривичната пријава, пријавениот беше повикан на распит во Основното јавно обвинителство Скопје. По проучување на сите елементи, јавниот обвинител оцени дека пријавените дела не се дела за кои се гони по службена должност, односно дека во пријавените предметни настани не се содржани суштествените обележја на пријавените кривични дела“, информираа од Обвинителството.

Од таму додаваат дека јавниот обвинител при донесување на одлуката, се водел од праксата на Европскиот суд на човекови права и обврската да се обезбеди заштита на слободата на говорот во демократско општество.

„Особено имајќи го предвид тоа што пријавениот во овој предмет е новинар, а оштетените се политичари. Пресудите на Европскиот суд упатуваат на фактот дека иако политичарите имаат право на еднаква заштита како и сите други, границите за новинарите се пошироки за изнесување на критицизам и мора да се избалансирани со јавниот интерес за отворена дискусија во однос на политички прашања“, додаваат од таму.

Од Обвинителството велат дека Тричковски во својот исказ пред јавниот обвинител, потенцирал дека никогаш немал вистинска намера да изврши кривично дело, туку со изнесените ставови само сакал да апелира кон наведените политичари да го променат своето однесување.

„Сепак, анализирајќи го предметот во целост, јавниот обвинител констатира дека слободата на изразување не е апсолутно право и дека пријавениот во изразувањето на своето мислење не ја негувал културата на говорот и етиката, па со тоа ги повредил честа и угледот на споменатите политичари. Со оглед на тоа, во пријавените предметни настани не постојат обележја на кривично дело за кое се гони по службена должност, но тие би биле предмет на постапка за утврдување на одговорност и надоместување на штетата согласно Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Како стварно надлежен за ваква постапка е основниот суд според местото на извршување на навредата“, посочуваат од Обвинителството.

Поврзани новости