-Пријавителката во кривичната пријава наведе дека пријавените, во својство на службени лица, во периодот од септември 2020 до јануари 2021 година, ја злоупотребиле службената положба при одлучувањето и гласањето на седница на Судскиот совет на која се разгледувал извештај за утврдување одговорност на судијката на Врховниот суд. Тие наводно ги пречекориле границите на своето службено овластување со намера потешко да ги повредат правата на оштетената, а притоа од лични и политички причини вршеле влијание и врз другите членови на Судскиот совет при одлучувањето. Така, предлогот на Комисијата која го разгледувала извештајот и предложила запирање на постапката против судијката на Врховен суд го вратиле на доработка, потоа избрале нов член во Комисијата и одлучувале без да ја известат оштетената за резултатите од гласањето и за дополнително спроведените дејствија. На 19.01.2021 година Комисијата, без никакви дополнително утврдени околности, донела предлог-одлука за разрешување на судијката во Врховен суд, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Заради утврдување на наводите во кривичната пријава, јавниот обвинител ги прибавил списите од предметот на Судскиот совет и детално ги проучи.
-Од анализа на хронологијата на целокупното постапување произлезе дека Судскиот совет на седницата одржана на 29.09.2020 година расправал по извештајот на Комисијата со кој се предлага запирање на постапката против оштетената. Но, при гласањето не било постигнато потребното двотретинско мнозинство за одлуката да помине, па согласно член 60-д од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет било оценето дека е потребна доработка на предметот и списите биле вратени на Комисијата. Изборот на нов член на предметната комисија бил извршен со ждрепка, согласно член 56 став 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет. Од записниците се констатира дека една од пријавените членови на Судскиот совет воопшто не се јавила за збор при расправата за извештајот, додека другата пријавена се јавила за збор и дала образложено мислење за кое не може да биде повикана на одговорност, имајќи ги предвид правата и обврските на членовите на Судскиот совет пропишани со закон. Комисијата за утврдување одговорност на судија одржала ново советување и гласање на 18.01.2021 година, но до Советот се уште не доставила извештај со предлог-одлука, се наведува во соопштението.
Од тие причини надлежниот јавен обвинител одлучил дека во дејствата на пријавените не се содржани елементи на кривично дело кое се гони по службена должност. Решението е доставено на оштетената, која има право на жалба во рок од осум дена до Вишото јавно обвинителство Скопје