Отфрлена кривична пријава на ВМРО-ДПМНЕ за нерегуларности во гласањето за референдумот

by fokus

Тетовското обвинителство ја отфрли кривичната пријава која ја поднела опозициската ВМРО-ДПМНЕ за наодни нерегуларности при гласањето за реферндумот на 30 септември 2018 година.

Пријавата била поднесена против повеќе претседатели, заменици претседатели и членови на Избирачките одбори во општините Желино и Боговиње, против непознати лица кои помагале со потикнување, помагање и соизвршителство, како и против полициски службеници кои ја вршеле својата службена должност на обезбедување на избирачките места за време на гласачкиот процес за референдумот.
Според наводите од пријавата, пријавените се товареа дека ги сториле кривичните дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“ , „злоупотреба на избирачко право“, „ изборна измама“, „ фалсификување или уништување деловни книги“ и „повреда на тајноста на гласањето“.

Јавниот обвинител кој постапувал во предметот ги проверил наводите во пријавата, ги сослушал пријавените лица и ја прибавил целокупната документација од надлежните органи, меѓу кои Министерството за внатрешни работи и Државната изборна комисија.

-По преземање на дејствија за прибирање на материјални и вербални докази во предметот, надлежен јавен обвинител утврди дека записниците на избирачките одбори од спроведеното гласање на државниот референдум се уредно пополнети и потпишани од претседателите и членовите на одборите без притоа да биде наведено дека имало какви било нерегуларности и неправилности во гласањето. Наведеното во записниците е потврдено со изјави дадени од сите осомничени. Нерегуларности не биле констатирани ниту од други лица кои биле ангажирани за следење на изборите, како што се набљудувачите од МОСТ. Во дадените изјави, полициските службеници кои на изборниот ден ги обезбедувале избирачките места истакнале дека на денот на изборите немало ситуација од која би произлегла потреба да реагираат во поглед на преземање на службени дејствија за пријавување и отстранување неправилности, соопштуваат од обвинителството.

Обвинителот утврдил дека нема каков било материјален или вербален доказ за потврда на наводите од поднесената пријава и ја отфрлил.

Поврзани новости