Битолското обвинителство ја отфрли кривичната пријава која беше поднесена против вишиот скопски јавен обвинител Сашо Рајчев и тоа од неговиот доскорашен шеф, Мустафа Хајрулахи. Тој ја поднесе пријавата откако Маријан Стаменковски -Доказ обвини дека обвинителот соработувала со него и му откривал информации, по што биле објавени текстови со навредлива содржина и против обвинителот Хајрулахи. Истото обвинување беше упатено и за вишата обвинителка Фатиме Фетаи, за која исто така обвинителството неодамна ја отфрли кривичната пријава.
Информацијата за ,,Фокус” ја потврдија од Обвинителството, од каде што појаснуваат дека битолското обвинителство постапило по насоките од вишото обвинителство, но повторно одлучило да ја отфрли кривичната. Предметот веќе еднаш беше отфрлен, но по жалба на Хајрулахи, вишото обвинителство го врати назад.
– За едниот јавен обвинител поднесов кривична пријава за можно сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злоупотреба на личните податоци“. А за другиот јавен обвинител поднесов кривична пријава за „злоупотреба на личните податоци“, изјавуваше шефот на Вишото обвинителство во Скопје, Хајрулахи, минатата година.
Во случајот постапуваше обвинителството во Битола за да предметот биде надвор од надлежноста на скопското вишо јавно обвинителство.
Валентина Вурмо