Отфрлена е кривичната против обвинителката Фетаи поднесена по обвинувањето дека ,,соработувала” со Маријан Доказ

by fokus

Отфрлена е кривичната пријава која беше поднесена против вишата јавна обвинителка Фатиме Фетаи и тоа од нејзиниот шеф, Мустафа Хајрулахи. Тој ја поднесе пријавата откако Маријан Стаменковски -Доказ обвини дека обвинителката соработувала со него и му откривала информации, а истото обвинување беше упатено и за вишиот обвинител Сашо Рајчев, за кого постапката по пријавата се уште е во тек.

Информацијата за ,,Фокус” ја потврдија од Обвинителството.

-Основното јавно обвинителство Битола, постапувајќи по поднесената пријава, во целост ги испита наводите и утврди дека во дејствијата на пријавената не се содржани елементи на кривично дело – Злоупотреба на службена положба или друго дело кое се гони по службена должност. Во текот на постапката, јавниот обвинител го испита пријавителот, а прибави и дополнителна документација од мобилните оператори и други докази, па врз основа на сите дејствија и утврдени околности донесе решение за отфрлање на кривичната пријава, ни одговорија од Обвинителството.

Оттаму додаваат дека за втората пријава, против вишиот обвинител Сашо Рајчев, постапката е во тек.

– За едниот јавен обвинител поднесов кривична пријава за можно сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „злоупотреба на личните податоци“. А за другиот јавен обвинител поднесов кривична пријава за „злоупотреба на личните податоци“, изјавуваше шефот на Вишото обвинителство во Скопје, Хајрулахи, минатата година.

Сепак, битолското обвинителство не утврди одговорност кај обвинителката Фетаи.

Во случајот постапуваше обвинителството во Битола за да предметот биде надвор од надлежноста на скопското вишо јавно обвинителство.

Валентина Вурмо

Поврзани новости