Стеван Здравевски, свештеник во битолската црква ,,Света Недела”, собира донации преку социјалните мрежи за плаќање на казните на осум верници, кои заедно со него, според судската пресуда, треба да платат околу 5.000 евра.
Тие се осудени за кривичното дело Непостапување според здравствени прописи во време на пандемија, односно за време на верскиот празник Богојавление – Водици, организирале во базенот во двор на црквата фрлање и фаќање на светиот крст. Сите биле затекнати од полицијата додека го изведувале обредот, кој беше забранет поради актуелната пандемија со корона вирус.
-Браќа и сестри во Христа, сакам да ве известам дека започнавме со собирање парични средства за браќата кои се осудени за Богојавление – Водици, со благослов од отец Стеван. Секоја донација и запишување на име и презиме ќе биде предадено во ,,Света Недела” на отец Стеван, за молитва на сите кои донирале. Да поможиме со љубов за нашите браќа – објави свештеникот на својот Фејсбук профил.
Исто така, на неговиот профил е објавена и фотографија од печено јагне, со појаснување дека отецот ,,си дал” јагне, по пресудата. Објавени се и судските одлуки на кои пишува кој од верниците колкава парична казна добил, односно 61.150 денари за отецот и по 30.750 денари за лицата кои се фрлале во базенот по светиот крст.
Вики Клинчарова