Отец Пимен на гробот на Св. Кирил: Наместо со јазиците да те радуваме, со препирките „чиј си“ те растажуваме

by Fokus

Македонска црковно-државна делегација утрово имаше поклонение на гробот на свети Кирил во Рим, соопшти Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Делегацијата, во која учествуваа директорот на Комисијата за односи со верските заедници, Даријан Сотировски, македонската амбасадорка при Светата Столица, Марија Ефремова, генералниот конзул во Венеција, Стојан Витанов, и вршителот на должност во македонската амбасада во Италија, Магдалена Димова, присуствуваше на молебенот на гробот на св. Кирил во базиликата „Св. Климент“.

Чиноначалствуваше митрополитот Европски г. Пимен во сослужение на епископот Стобиски г. Јаков и свештеници на Европската епархија на Македонската православна црква- Охридска архиепископија.

Отец Пимен потсети дека лани поради пандемијата немало помен на неговиот гроб, а годинава во мал број, повторно поради пандемијата, и рече дека „сепак философе и просветителу наш, преку мудроста од Божјата премудрост тебе дарувана, дека почитта кон тебе ама ни малку не ни се намалила, ниту љубовта ни оладила“.

– Ова што денес на мојот македонски јазик пред гробот твој стоејќи молитвено ти се обраќам е плод на писменоста на која си ги научил моите претци. Стојам тука пред гробот твој и знам дека наместо да те радуваме со богатството на јазиците на кои ти се обраќаме, со нашите препирки чиј си и кому си му го оставил писмото и правото неразумно да го чува, те растажуваме, истакна отец Пимен.

Во среда, делегации на Северна Македонија и на Бугарија заедно ќе го одбележат Денот на светите браќа Кирил и Методиј. Претседателите на двете држави, Стево Пендаровски и Румен Радев, на 26 мај, заедно со бугарски авион, ќе отпатуваат за Рим.

Поврзани новости