Оперативно техничката агенција (ОТА) демантира дека го набавила и користела софтверот „Предатор“, кој се смета за шпионски софтвер. Од ОТА во соопштение до јавноста велат дека за жал и покрај јавните објави и деманти од нивна страна продолжува трендот на манипулирање на јавноста со свесно креирање и објавување на невистинити содржини од политички центри на моќ и нивно пласирање во дел од медиумите.
„Повторуваме и со сигурност уверуваме дека од страна на ОТА не е набавен, не се користел ниту се користи споменатиот софтвер ‘Предатор’ и малициозна е намерата да се направи било каква поврзаност на ОТА со настаните во Република Грција, а особено кога истото е веќе јавно демантирано“, соопштија од ОТА.
Од Агенцијата велат дека по спроведувањето на реформите во делот на следењето на комуникациите и формирањето на ОТА како самостоен и независен државен орган, основна мисија и цел на ОТА е придонесување кон враќање на изгубената доверба на јавноста кон еден особено чувствителен институционален сегмент.
„Во таа насока ОТА посветено работи на воспоставување на законски, безбеден, ефикасен и контолабилен систем за следење на комуникациите. Со воспоставените механизми на заштита од страна на ОТА, следењето на комуникации без издадена судска наредба во Република Северна Македонија е минато и масовно следење не е и нема да биде возможно. Во насока на заштита на јавниот интерес, апелираме на одговорно постапување од страна на сите чинители, како и на промптно институционално постапување за што веќе е известено Јавното обвинителство“, стои во соопштението на ОТА.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ деновиве излегува со изјави и соопштенија дека македонската агенција набавила шпионски софтвер „Предатор“ за следење на интернет комуникација на граѓаните.
„Овој контроверзен софтвер е набавен пред извесно време, спротивно на законската рамка и со него може да се следат комуникациите на сите граѓани“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.