Во присуство на атинскиот градоначалник Костас Бакојанис и негови колеги од над 25 градови од целиот свет, меѓу кои и градоначалникот на Њујорк, вечерва, на плоштадот Синтагма во центарот на Атина беше осветлена новогодишната 21 -метарска елка со над 40.000 светилки во должина од пет километри, јави дописничката на МИА од Атина.
Присутните на централниот атински плоштад имаа можност да уживаат во традиционалното осветлувањето на елката кое беше проследено со свеченост и концерт.
Атина оваа година, со присуството на градоначалници од целиот свет испрати порака на обединетост, солидарност и мир меѓу народите.
-Сакаме сите заедно, градоначалниците од цела Грција, но и од целиот свет да испратиме силна порака за солидарност и мир, особено сега со сето она што се случува, порача атинскиот градоначалник Костас Бакојанис.
Неговите колеги од целиот свет, градоначалници од различни делови на САД, меѓу кои и првиот човек на Њујорк, од Уругвај, Албанија, Полска, Белгија, Молдавија, од Обединетото кралство, но и од Грција, упатија куса порака до присутните и сите запалија по една светилка од елката.
Новогодишната елка е висока 21 метар и тежи шест тони, а исто како и лани, во Атина пристигна од планинскиот град Карпениси.
Беше поставена минатата седмица и украсена со стотици лампиони и над 40.000 светилки во должина од пет километри, а од општина Атина велат дека откако пред две години целото божиќно осветлување во градот го замени со лед светилки „наспроти последиците од енергетската криза, успева да обезбеди Божиќ без „отстапки” во сјајот и осветлувањето, а е постигната е заштеда што достигнува до 80 отсто во однос на претходните години”.
Осветлувањето на елката го означи и почетокот на празничниот период во Атина, а во текот на месецов планирани се низа настани во речиси сите населби во грчката метропола.
Освен централниот плоштад Синтагма, ќе бидат украсени 35 плоштади во сите седум општински заедници,а на улиците во Атина, празничните светилки се во должина од 120 километри, над 15 километри повеќе од лани.