Денеска беше осветен храмот Св. 40 Маченици изграден на Смиљковското езеро, по убиството на четирите момчиња Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Тричковски и рибарот Борче Стефковски кои беа свирепо убиени на 12 април 2012 година.
Чинот на осветувањето го изврши поглаварот на Македонската православна црква Охридска Архепископија Господин Господин Стефан.
-На ова место се случи исклучителна трагедија извршена од луѓе – нелуѓе, извршена од ѕверови во човечки кожа. Исто како 40те Маченици, животите на тие пет луѓе, христијани и Македонци, чеда на мајката црква беа одземени поради само една причина, поради нивната христијанска вера и нивната македонска крв. Преку овие пет христијански души се покажува дека сведоштвото на мачениците претставува семе за црквата. И ете се изгради овој мал, но убав дом божји и денес ја имаме радоста да го осветиме, истакна Г.Г. Стефан.
Тој упати благодарност до сите кои помогнаа за изградба на овој храм, а посебно до градоначалниците на Гази Баба и Бутел, Бобан Стефковски и Дарко Костовски за кој кажа дека ќе бидат одликувани од страна на Скопската епархија.
На осветувањето на храмот, присуствуваа и Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пратениците Владо Мисајловски, Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и голем број на граѓани.