Премиерот Христијан Мицкоски, на брифинг со новинари кон крајот на ланската година, рече дека бил обработуван од службите за безбедност додека тој и неговата ВМРО-ДПМНЕ биле во опозиција. Во таа насока, тој откри дека во белешките на агенциите неговото име било поприсутно отколку на познати криминалци. Воедно, тој одговори под кој основ бил „обработуван“.
–Во белешките има основ дека јас сум ја загрозувал и безбедноста на директорот – рече Мицкоски одговарајќи на прашање на „Фокус“, при што додаде дека една од овие агенции требало да ја заврши истрагата и да брифира на затворена владина седница, додека истовремено побара декласификација и на белешките на другата агенција, со цел, како што рече, содржината да биде обелоденета.
Во меѓувреме, Мицкоски на собраниска седница посветена на пратенички прашања откри дека тој, заедно со неговата сопруга и малолетниот син, бил следен додека бил лидер на опозицијата во изборната 2020 година, откако бил означен како инспиратор и организатор на параполициска воена формација составена од радикални националисти.
–Параполициско воена вооружена формација, составена од, внимавајте – македонски, радикални, екстремни и националистички настроени државјани, кои имаат за цел во предизборието да вршат заплашување и закани… Некаде во втората половина на годината, четвртиот квартал истиот извор „Цилиндар“ вели дека јас сум виден со 2 женски особи на Водно, како пешачам и, замислете, тие ми презентирале информации кои биле од мој политички интерес …
Исто така, пред локалните избори во 2021 година изворот е „Џокер“, кој вели дека во манастирот Свети Јован Бигорски сум имал средби со припадници на ова патриотско друштво за да ја нарушиме безбедноста на Македонија. Ова нема никаква врска со реалноста. Дали ова се европските вредности на кои се повикуваше претходната власт – рече Мицкоски, откривајќи дел од содржината на белешките.
Еден ден подоцна, одговарајќи на новинарско прашање, премиерот изјави дека овие списи, извештаи или дебрифинзи дека тој инспирирал, финансирал и организирал терористички структури се креирани на почетокот на 2020 година, но, како што истакна, една од безбедносните агенции притоа не го информирала МВР.
–Овие списи, извештаи или како да ги наречам дебрифинзи, се креирани на почетокот на 2020 година, кога е изборна година. Замислете, една од безбедносните агенции, од оправдани причини нема да кажам која е, располага со вакви информации во кои што јас инспирирам, финансирам и организирам вакви терористички структури вооружени, а притоа не го информирала МВР. И се поставува прашањето зошто не го информирала?
Одговорот е јасен, затоа што тоа беше техничкиот период и тогаш технички министер беше Наќе Чулев, зборувам во 2020 година. Ова било само начин преку монтажа да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент-ВМРО-ДПМНЕ. Останатото, еве, оставам до обвинителството, да видиме дали овој глас ќе допре до нив и дали тие ќе преземат некакви мерки – рече Мицкоски.
Во однос на истата тема, премиерот говореше и на неодамнешното гостување во „360 Степени“, каде беше прашан како стигнал до документи од Агенцијата за разузнавање, која не е под надлежност на Владата, туку на Претседателот на државата? Притоа, Мицкоски рече дека во ниту еден момент не споменал дека станува збор за АР, туку посочи дека рекол оти „дека една од државните агенции коишто се занимаваат со оваа проблематика, ова го документира“.
–Вие ме прашавте за Агенцијата за разузнавање и јас ви кажав, дека АР, односно лицата од АР ги поканивме на затворена владина средница и тие ги задолживме, а имаме право на тоа, врз основа на индициите со коишто располагаме, да направат внатрешна истрага. А од која агенција се овие информации коишто јас ги споделив со јавноста, тоа оставам Обвинителството коешто самото рече дека постапува по допрен глас, да ме повика, да дадам исказ и така натаму, па да направи истрага – рече тој.
Потоа, Мицкоски додаде дека врз основа на тоа што успеал да го види и да го слушне од луѓето со коишто комуницирал, а тие се вработени во агенциите коишто се занимаваат со безбедност, тогаш може да заклучи дека станува збор за внатрешна процедура, во којашто се користат ресурси на овие агенции, коишто најчесто постапуваат по принципот на добиена информација, без да има материјални докази.
–Не може без тоа да биде документирано да бидам јас покриван физички. Мора да има трага. Инаку, како јас би бил покриван? Како, на кој начин јас би бил покриван? Што е разликата меѓу злоупотреба на државните ресурси и прислушкување и физичко покривање исто така со злоупотреба на државните ресурси? Претседател на најголема политичка партија во опозиција, во тој момент. Што е разликата? Нема разлика. За ова луѓе се во затвор – истакна тој.
Според информации на „Фокус“ од добро упатени безбедносни извори, Мицкоски како опозиционер бил објект на обработка од страна на Агенцијата за национална безбедност, која се формираше со големата реформа во безбедносниот сектор. Воедно, истите извори велат дека освен премиерот и други политичари, во истиот период биле следени и новинари.
Иако овие наводи се поткрепени со службени белешки и со извештаи доставени до институциите, сепак, нашите соговорници велат дека засега не треба да се откриваат повеќе информации околу бројот, идентитетот и основот за следените новинари, бидејќи целиот процес е во сензитивна фаза и се карактеризира со степен на тајност.
Имено, сите одговори треба да ги даде истрагата од страна на Јавното обвинителство, кое информираше дека е оформен предмет по допрен глас, заснован на изјавата на премиерот Мицкоски дадена во Собранието, по што случајот е предаден на надлежното обвинителство за натамошно истражување на сите изнесени наводи.
За потсетување, своевремено изби голем скандал со нелегално прислушување на стотици граѓани, кое се вршеше преку злоупотреба на системите за прислушување во МВР, поради што се направи реформа по политичките промени. Сега на повидок е и афера со физичко следење на политичари и новинари, па во периодот што следува треба да се разјасни дали тоа се случувало законски, или, пак, повторно се работи за злоупотреба на државни ресурси за политички цели.
Влатко СТОЈАНОВСКИ