Веќе 40 дена не може да се најде неготинецот Миле Тодоров (28), а освен по него, речиси четири години безуспешно се трага и по неговиот врсник, 28-годишниот Никола Милев, кој исчезна на 18-ти ноември 2021 година во Струмица.
За случајот со Никола, кој на некој начин како веќе да падна во заборав од пошироката јавност, ,,Фокус” пишуваше во повеќе наврати. Веста дека момчето по потекло од Радовиш, а кое исчезнало во Струмица, додека престојувало кај неговата сестра, први на социјалните мрежи ја објавија негови пријатели. Тие апелираа за било каква информација која би помогнала во пронаоѓање на Никола, кој на 18-ти ноември околу полноќ излегол од станот на сестра му, мобилниот телефон му бил исклучен, и не можеле да стапат во контакт со него.
Откако се прошири веста за исчезнатото лице, се огласија и од СВР Струмица. Потврдија дека случајот е пријавен во полиција од страна на неговата сестра, наредниот ден, односно на 19-ти ноември 2021 година, вечерта околу 21 часот. Кажаа дека истрагата е во тек и се превземале сите неопходни мерки за доаѓање до некаква трага.
Инаку, Никола живеел во Радовиш со неговиот татко, а мајка му била почината. Неговите две сестри подолг период престојувале и работеле во Струмица, каде тој времето го поминувал почесто отколку во Радовиш. Според семејството, тој бил доста мирна личност.
Набргу по исчезнувањето, ,,Фокус” стапи во контакт со сестрата на Никола, која во телефонски разговор ни потврди дека таа го пријавила исчезнувањето на брат и, и дека остава соодветните институции да ја водат истрагата.
-Надлежните служби ја водат истрагата. Не сакаме ништо да изјавуваме, фотографијата на Никола веќе се објави насекаде, оставаме институциите да работат-кратко порача таа во телефонски разговор десетина дена по исчезнувањето, и оттогаш фамилијата ги прекина контактите со медиумите, и ниту еднаш јавно се нема огласено по повод настанот за сите овие години.
Во неколку наврати потоа, ,,Фокус” бараше информации за случајот од СВР Струмица, односно дали има нови детали во истрагата, од каде го добивавме истиот одговор – Немаме одговор за тоа што се случило со момчето, но истрагата за случајот се уште трае.
Фотографијата и личните податоци на Никола се објавени на официјалната страница за исчезнати лица на МВР, и до денес не се знае неговата судбина.
За исчезнатиот Миле Тодоров од Неготино пак, семејството редовно упатува јавни апели и бара помош од јавноста во пронаоѓањето. По момчето се трагаше на терен со недели, беше спроведена опсежна потрага на копно и во вода, а беше вклучен и хеликоптер. До денес, веќе 40 дена, не е пронајден. Што се случило со овие млади луѓе, но и со многу други од земјава кои со години се водат како исчезнати, останува мистерија.
Вики Клинчарова