Универзитетскиот професор, д-р Никола Тупанчески, кој наскоро ќе застане на чело на Министерството за правда, е вистинско изненадување во новата Влада. За своите мотиви, пак, да седне на министерската фотелја вели дека ќе проговори откако ќе биде официјализирана неговата функција.
Тој важи за одличен правник, особено во областа на казненото право, поради што е ценет и признаен во академската фела. Токму затоа се зборува дека бил избор на новиот лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој сакал во ова министерство да застане непартиски кадар од академската заедница.
Не толку одамна, Тупанчески беше избор и на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски. Поточно пред две години Мицкоски побара Тупанчески, заедно со уште пет универзитетски професори, да го напишат Законот за јавното обвинителство, кога всушност и се кроеше судбината на предметите од СЈО.
Претходно за медиумите Тупанчески коментираше дека преговорите за новиот Закон за ЈО се еклатантен пример како не треба да течат реформите. Тој тогаш обвини за политички и партиски договор, без да се сослуша експертската јавност.
-Ако продолжиме со нашата практика законите да ги носиме во Клуб на пратеници, тогаш тоа ќе биде сериозна пречка во сериозната реформа на македонската општествена сфера, предупредуваше професорот Тупанчески.
Сега тој ќе има можност да го држи коримилото и да одредува во кој правец ќе се спроведуваат реформите во правосуството. Во тоа ќе му помогне неговата богата биографија.
Тој е роден во Охрид, во 1961 година. Во 1988 година бил избран за помлад асистент на Правниот факултет, а во 2012 година бил избран за редовен професор. Во 1995 магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ со магистерскиот труд под наслов: „Противправно заземање земјиште во државна сопственост“.
Докторирал на Државниот универзитет „Ломоносов“, Москва, Русија, во 2002 година со докторскиот труд под наслов: „Даночното затајување во споредбеното право и во правото на Република Македонија“.
Професорот Тупанчески ги предава предметите Казнено право, Меѓународно казнено право, Економско казнено право, Медицинско казнено право, Криминална политика, Компаративно казнено право и Малолетничко казнено право. Во периодот од 2008 до 2013 година бил продекан за меѓународна соработка на Правниот факултет „Јустинијан Први“.
Предавал на втор циклус студии – магистерски студии по интелектуална сопственост (IPRs Enforcement) како соработка на Универзитетот од Стразбур и УКИМ од 2010 до 2011 , а учествувал и во предавањата на постдипломските студии на Филозофскиот факултет во Скопје – Европски студии за интеграција, на Полициската академија и на магистерските студии по форензика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Тупанчески раководел со постдипломските студии од областа на казнено-правните науки, а беше и постојан претставник во Групата на држави за спречување на корупцијата (ГРЕКО), Совет на Европа.
Учествувал во повеќе експертски комисии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, како и во Министерството за правда на Република Македонија во врска со реформскиот процес на македонското казнено законодавство, а бил вклучен и во Советот за судски реформи во рамки на Владата на Република Македонија.
Валентина Вурмо