Осумнаесетгодишна трудница во седми месец починала од Ковид 19 на КАРИЛ

by Fokus

Осумнаесетгодишна трудница во седми месец починала денеска од Ковид 19 на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), неофицијално дознава „Фокус“.

Според нашите информации, бремената жена била од Гевгелија и немала други хронични заболувања. . „Фокус“ се потруди да стапи во контакт со директорката на КАРИЛ, Маја Мојсовска, но таа не одговараше на нашите телефонски повици.

Во последниот четврти бран, кој веќе речиси еден месец ја тресе Македонија може да се забележи дека се повеќе млади лица се жртви на опасното вирусно заболување. Пред само една недела, на скопската Инфективна клиника почина 24-годишно момче од Крива Паланка. Од министерството за здравство, тогаш го потврдија случајот и истакнаа дека заразениот пациент не бил вакциниран.

Истиот ден кога почина момчето, како што дознаваме, во една од приватните болници починала и 25-годишна девојка.

Тоа што е најстрашно во целата приказна, е што во последниот период се повеќе млади луѓе се на удар на Ковид 19.  Исто така, пред десетина дена жртва на Ковид 19 беше и 15-годишно девојче од тетовското село Селце.

Доктор Злате Мехмедовиќ во интервју за „Фокус“, потврди дека и децата и младите се повеќе се на удар на новиот делта сој.

„Агресивноста на делта варијантата се гледа и во тежината на болеста, многу поголема е потребата за кислород и за интензивно лекување, а се поголема е и бројката на заболени во старосната група помеѓу 18-49 години.  Децата исто така не се поштедени, и кај нив може да се јават пулмолошки компликации, но и компликации на мозокот во форма на енцефалити – вели доктор Мехмедовиќ.

Ирена Мулачка 

Поврзани новости