Осумгодишниот Иле мора да се оперира, 15.000 евра уште не се собрани: Колку вреди детскиот живот?

by fokus

Илија Петков, осумгодишно дете од Демир Капија, мора да се оперира на рбетниот столб. Неговата дијагноза е Малигна неоплазма на рбетен мозок, а неговата мајка Ѓурѓица веќе со недели апелира до хуманите граѓани за помош. Операцијата изнесувала 15.000 евра, и било планирано да се изведе на 14 – ти февруари.

Во Општина Демир Капија, но и во Неготино веќе се одржаа неколку хуманитарни настани, со цел да му се помогне на момчето. Утре во Неготино, во кафе бар Стефани ќе се одржи забава со Да Капо бенд, а средствата ќе бидат префрлени на хуманитарната сметка на Иле.

И градоначалникот на Демир Капија, Лазар Петров изјави дека општината ќе помогне со симболична сума, а исто така и средствата од продажба на вино и ракија за време на празникот Свети Трифун, ќе му бидат донирани на Иле.

На социјалните мрежи посветени на Демир Капија и Неготино во изминатиов период секојдневно се споделува апелот за помош. Се апелира до граѓаните да се откажат од едно кафе и да му помогнат на Иле да се избори со болеста.

Често се поставува и прашањето – Колку вреди детскиот живот, кој во случајов зависи од сума од 15.000 евра, која веќе неколку недели родителите не можат да ја соберат. Сите кои што сакаат да донираат, може да го сторат тоа на жиро сметката 210 501 665 882 802 Тутунска банка, Ѓурѓица Петкова, со назнака донација. Отворени се и телефони за донации: VIP- 143461 и Mob -070143117

Вики Клинчарова

Поврзани новости