Осум лица загинаа, а неколку се повредени во пожар што утринава околу 4 часот и 30 минути избувна во дом за стари лица во Велики Борак, во белградската општина Бараево, дознава РТС. Пожарот е изгаснат, а во гаснењето учествувале голем број пожарникари и противпожарни возила.
Др. Виолета Николиќ од Итната медицинска помош за РТС изјави дека добиле повик од пожарникари за избувнување на пожар во дом за стари лица во Велики Борак.
Таа наведе дека четири повредени лица се пренесени на токсиколошкото одделение на ВМА, додека на две лица им е укажана помош во Ургентниот центар. На интервенција се упатени четири екипи од Итната медицинска помош, уште две дополнителни екипи од Лазаревац и една од Бараево.
„Главниот јавен обвинител на Вишото јавно обвинителство во Белград, Ненад Стефановиќ изјави дека постојат основани сомнежи дека пожарот го подметнал еден од жителите на домот, кој исто така починал. Наредена е обдукција на загинатите во пожарот и се утврдуваат сите околности на овој случај, по што Вишото јавно обвинителство во Белград ќе одлучи за понатамошните чекори“, рече Стефановиќ.
Се претпоставува дека во моментот на пожарот во објектот имало 30 корисници. Брзата помош укажала на седум повредени и ги пренела во ВМА и Ургентниот центар.