Осум лиценцирани даватели на поштенски услуги престанале да работат на поштенскиот пазар од почетокот на годинава, а прогнозите на регулаторот се дека на почетокот на следната година ќе престанат да функцинираат уште неколку. Намалената економска активност на стопанството воопшто, како и зголемените трошоци за енергенси во структурата на цените на поштенските услуги, ја намали побарувачка за услуги за пакети и писма.
– Во периодот од јануари до декември годинава се забележува зголемен број на лиценцирани даватели кои престанале да работат во наведениот период, односно вкупно осум, информираа за МИА од Агенцијата за пошти (АП), на чија веб страница изминатиот период има чести објави дека одредени оператори повеќе не се даватели на услуги.
На крајот на октомври годинава повторно беше вратен ценовниот монопол за услугите за писма до 50 грама во корист на давателот на универзалната услуга А.Д. „Пошта на Северна Македонија“, која за услугата има регулирана цена од 25 денари по писмо, одобрена од регулаторот. Лиценцираните даватели на поштенски услуги за истата поштенска услуга од 26 октомври не смеат да наплаќаат единечна цена пониска од 62,5.денари, според цените кои се во примена од 1 март 2020 година, односно, можат да ги обезбедуваат услугите од опфатот на резервираните услуги по цена која е два и пол пати повисока од цената по која давателот на универзална услуга ги обезбедува пратките за кореспонденција од стандардна категорија во првата тежинска стапка.
Во националната „Пошта“ во октомври се одржа предупредувачки протест поради доцнење на исплатата на платата за претходниот месец, а по договорот што го постигнаа синдикатите со УО на претпријатието и Министерството за транспорт и врски, сите државни институции добија задолжение да ги користат услугите на АД „Пошти“, согласно со измените во Законот за поштенски услуги. Таков договор АД „Пошти“ досега има потпишано само со АД „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ).
Во третиот квартал годинава до Агенцијата за пошти се доставени девет претставки од корисници на поштенски услуги. Пет се од физички лица, а четири од правни лица. Седум претставки се однесуваат на услугите на давателите на поштенски услуги, а две на услугите на АД „Пошта“.