Каква е казнената политика во земјава, за лицата кои извршиле тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот, и поради чие дело настапила смрт на едно или повеќе лица, деновиве по трагедијата со дизјанерката Фросина Кулакова (22), е прашање кое е актуелно во јавноста.
За случајот, Основното јавно обвинителство информираше дека лицето кое со возило ја усмрти младата девојка било под дејство на алкохол, возело со брзина од над 120 километри на час, без положен возачки испит, поминало на црвено светло на пешачки премин, каде и згасна животот на Кулакова.
Претходно, истото лице, Васо Јованов, веќе му било познато на обвинителството поради низа на други дела. На социјалните мрежи веќе е активна и масовно се споделува петиција, со која граѓаните бараат казна доживотен затвор за виновникот за трагедијата која ја потресе целата земја.
Но, од пракса, односно според анализите на казнената политика на Апелациониот суд Скопје, податоците кои доаѓаат се дека за овие кривични дела, за сообраќајки со смртни последици, најголемиот број изречени казни затвор биле во траење од две до пет години.
Како една од највисоките казни затвор е онаа во траење од 18 години, која му беше изречена на велешанецот Ангелчо Николов. Тој ја прегази и ја усмрти 11-годишната Магдалена Иванова од Велес, на пешачки премин, пијан, со одземена возачка дозвола, а нејзината мајка ја повреди и побегна.
Потоа, скопска Апелација драстично му ја намали казната за цели десет години, со што тој беше осуден на осум години затвор.
-За тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот беше осуден на седум години и шест месеци, како и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода, веќе определената казна затвор со првостепената пресуда од една година се земала за утврдена, па со примена на член 44 за двете кривични дела му се изрече единствена казна затвор во траење од осум години, соопштија тогаш од скопска Апелација.
Магдалена беше дете – единец, а случајот ја потресе јавноста, која тогаш, исто како со сегашниот случај на Фросина, бараше казна доживотен затвор за сторителот на делото.
Според податоци од средината на 2018 до средината на 2023 година, Апелациониот суд Скопје за сообраќајки со смртни последици изрекол казни кои се движеле од пет месеци, па се до седум години и два месеци. Висината на изречените казни зависела од утврдената фактичката состојба и олеснителни и отежителни околности.
Конкретно за случајот со Магдалена, ригорозно намалената казна на Николов ја изрекоа судиите Ѓоко Ристов, претседател на советот, Лирие Елези-Ајрулау, Лидија Зимбовска, Енвер Беџети и Енвер Амзаи, членови на советот.
Тие процениле дека при изрекувањето на казната во Велешкиот основен суд, во недоволна мерка биле земени предвид олеснувачките околности. Според повисокиот суд, акцентот требало да се стави на олеснителните околности, како личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот, кој пред две години го загубил братот во сообраќајка.
Натаму, дека е млад човек, неженет, фактот дека досега бил неосудуван и постапка за друго кривично дело против него не се водела.
Потоа, битен бил придонесот на обвинетиот за ефикасно завршување на кривичната постапка изразена преку признанието на вина за кривичните дела за кое се товари, изразеното каење, даденото ветување дека нема да го повтори тоа што го сторил, подготвеноста да го промени личниот статус и да се вклучи во нормалните текови на здравото општествено живеење.
По излегување од затвор, тој не смеел да управува со моторно возило од Б категорија во рок од пет години. Пресудата му беше изречена во јули, 2023 година, и наиде на остри критики од јавноста.
Вчера пак, на мирниот собир во Неготино на плоштад, во чест на Фросина Кулакова, присутен беше и таткото на Викторија Николова (24), која пред три години смртно настрада на пешачки премин на ,,Партизанска” во Скопје.
Лицето кое ја усмрти возејќи со недозволена брзина, првин беше осудено на три години затвор и три годишна забрана за управување на патничко возило, а по бурните јавни реакции Скопска Апелација му ја зголеми казната на четири години. И тогаш се одржаа бројни протести на револтираните граѓани.
-За Викторија немаше правда, да се надеваме дека за Фросина ќе има правда, порача таткото на Викторија од Неготино.
Вики Клинчарова