Ме чекаше и ме дочека, си отидов и си замина… со овие зборови денес на социјалните мрежи се прости од својата мајка Јован Милошевски, брат на фудбалската легенда Петар Милошевски.
Тој живее и работи во Шпанија од 1991 година, професор е по гитара и зад себе има многу музички проекти, а неодамна дошол во родната Битола да се види со мајка му и блиските. Петар, кој беше спортски директор на фудбалската репрезентација на Македонија и македонски фудбалски репрезентативец, голман, животот го изгуби на 41-годишна возраст во март 2014 година, во тешка сообраќајна несреќа.
Како што тогаш се објави, тој со службеното возило на ФФМ, кое го управувал претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, се враќале од еден кумановски ресторан, каде биле на вечера по одржување на хуманитарен фудбалски натпревар на поранешни репрезентативци во спортската сала за помош на болно дете во Куманово.
Се судриле со џип кај клучката во населбата Карпош, а Пежото во кое Милошевски бил совозач се превртело и излетало од патот. Од задобиените повреди Милошевски починал на самото место. По три години од трагедијата, возачот на џипот беше прогласен за виновен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот со смртни последици извршени од небрежност, и беше осуден на една година затвор.
Набргу по смртта на Милошевски, неговиот брат Јован за ,,Фокус” раскажа дека поднел молба до Советот на Општина Битола, стадионот под Тумбе Кафе во Битола, родниот град на легендарниот голман, да се вика Петар Милошевски. Иницијативата беше заглавена во административни процедури со години, се додека лани во декември не беше донесена одлуката за преименување.
-Со вредностите, кариерата и своите човечки и спортски дела нашиот Петар заслужува култниот стадион каде ги направи првите чекори да го носи неговото име, како симбол на една генерација која одбележа една ера во македонскиот фудбал- изјавија тогаш негови поддржувачи. Јован пак, за Петар раскажуваше дека е легенда и човечка големина со која Битола треба да се гордее.
Уште како дете ги носел дома другарчињата од улица да се најадат, и секогаш правел добри дела и помагал. Останал ист и кога направил кариера и стекнал слава.
Вики Клинчарова