Фотографии и видео снимки направени утринава на патот Прилеп – Градско, односно на Плетвар, до редакцијата на „Фокус“ доставија загрижени граѓани, со отворено прашање до институциите – Каде може да пријавиме кога коњи или било каков крупен добиток слободно се движи на и околу коловозите на јавните патишта, и ја загрозува јавната безбедност?
Која институција во земјава е надлежна веднаш по пријава да излезе на самото место, безбедно да ги дислоцира животните, и да се погрижи за нивната благосостојба, според закон?
Ова не е првпат да се поставуваат вакви прашања, но до одговорот очигледно тешко се доаѓа.
Осумте коњи кои денес биле забележани и фотографирани и снимени на Плетвар се другарите на Дорчо, младиот коњ кој на 27-ми јануари беше удрен од возило во движење на патот Прилеп – Градско.
Случајот бил пријавен во полициската станица Прилеп, а од таму за „Фокус“ појаснија дека повеќе коњи излегле пред возилото, еден од нив (Дорчо) се удрил во возилото, а од ЈП Македонија Пат го отстраниле коњот од коловозот.
Но, наместо повреденото животно да биде добие лекарска помош, истото било дислоцирано покрај коловозот, и оставено во тешка состојба, да се бори за живот три дена. Беше спасено по низа на апели и реакции на граѓани и здруженија за заштита на животните од Кавадарци и Прилеп, кога кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев самоиницијативно испрати општински екипи кои го транспортираа коњот, кој го доби името Дорчо во Прилеп, во средно училиште, каде сега за него се грижи ветеринарниот лекар Златко Димески.
Според СВР Битола, коњите биле диви и немале сопственик. Кој и како го утврдил тоа, нема официјална информација.
Но, како што истакнува ветеринарот Димески, не станува збор за диви коњи, туку за неодговорно сопствеништво, а коњите најверојатно се распушени од сопственикот и оставени сами да се грижат за себе, со што е загрозена нивната безбедност, но и безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
(Во меѓувреме, до „Фокус“ пристигнаа детали за сопственикот на коњите, кој според нашите соговорници со години наназад ги остава коњите во зима самите да излегуваат од шталата и да шетаат на коловозот, а потоа самите го знаеле и патот назад. Добиените сознанија, односно идентитетот на неодговорниот сопственик, ги доставивме во МВР од каде се очекува да преземат соодветни дејствија)
Уште по добивањето на првата информација за случајот со Дорчо, „Фокус“ стапи во контакт со повеќе институции, во потрага по одговор – Кому да се обратат граѓаните кога на јавен пат ќе забележат коњ или било какво друго крупно животно, кое е голема опасност за сообраќајот, односно која институција во земјава е задолжена веднаш да излезе со свои екипи и да го згрижи животното.
Одговорот од МВР, каде најчесто граѓните пријавуваат вакви случаи е дека тоа не е во нивна надлежност, односно тие не се задолжени да заловуваат животни и да ги дислоцираат од патиштата.
Поедноствно кажано, во МВР се пријавува кога ќе се случи несреќа. Која институција е овде за да превенира потенцијална несреќа од крупни животни на коловози, нема одговор ниту Агенција за храна и ветеринарство.
Од нивната служба за односи со јавност ни изјавија дека во нивна надлежност е утврдување на неодговорно сопствеништво, проценки за здравствена состојба на животни и слично, но не и нивна дислокација.
Како што појаснуваат од агенцијата, општините кои имаат прифатилишта, треба таму да ги згрижат пријавените животни, но околу тоа кој треба да ги тргне од патот и да ги транспортира до евентуалното прифатилиште, немаат одговор.
Повторно поедноставено, граѓаните не треба да ѕвонат на бројот на агенцијата да пријавуваат дека забележале коњи или било каков крупен добиток на јавни патишта, бидејќи не било во нивниот домен да дојдат и да го дислоцираат животното.
Се обративме и до Костадин Ацевски, директорот на „Македонија Пат“ со прашањето дали кај нив треба да се пријави животно на или околу коловоз, и дали нивните тимови се задолжени да испратат екипи за дислоцирање на животното.
Но, и неговиот одговор беше дека тоа не е во нивна надлежност, бидејќи претпријатието е задолжено за одржување на патиштата, односно за одржување на мрежите и заштитните огради на автопати, чија цел е да спречат излегување на животни на коловозот.
Сепак, како што појаснува Ацевски, свесен е за комплексноста на проблемот, па поради тоа деновиве ќе свикал состанок со АХВ, со цел да се изнајде решение кое ќе биде ефикасно околу решавање на проблемот.
-Универзален број за пријава на живи животни кои се движат на пат и претставуваат опасност нема. Со закон не е дефинирано кој треба да ги заловува и дислоцира животните, во случајов коњи или како што често се случува крави.
Граѓаните можат да се јават на телефонскиот број за итни слуачи 112, па од таму да бидат алармирани институциите кои треба да излезат на терен. Исто така, на телефонскиот број на нашата дирекција 022561502 може да се пријави, но нашата служба може да постапи единствено во согласност со пропишаните овластувања кои ги имаме.
Значи, да го обезбедиме патот, да се тргне животното од патот, но не и да го дислоцираме, односно да го транспортираме и да му најдеме прифатилиште.
Најчесто доаѓаме по пријава на МВР, сметам дека доколку треба да се повика ветеринарна инспекција тоа е обврска на МВР, но не е проблем тоа да го направат и нашите служби.
Навистина, во интерес на сите е да се најде функционален и едноставен начин за решавање на вакви ситуации, кои не се ретки. Конкретно на автопати, животните излегуваат поради искината мрежа, а виновникот за тоа е човечкиот фактор. Се случува да се кради мрежата, без да се мисли на последиците.
Сепак, во конкретниот случај, околу тоа како да се постапи кога се пријавува живо животно на пат, која институција каква одговорност треба да има, ќе одржиме состанок со Агенцијата за храна и ветеринарство, ако треба и со МВР, па сите заедно да се обидеме да најдеме системско решение- појаснува директорот Ацевски.
За случајот со Дорчо, кој од страна на службите на „Македонија Пат“ кои биле повикани од МВР излегле на терен и го обезбедиле патот, а притоа го дислоцирале повреденото животно покрај патот, понастрана од коловозот, вели дека веќе се извршени разговори со неколку од вработените, кои истакнале дека постапиле по насоките дадени од страна на МВР.
-Вработени во „Македонија Пат“ и во наредните денови, додека не дојдоа служби од Општина Кавадарци и не го дислоцираа коњот, доаѓаа кај него и му носеа храна. Но, законски, не е во наша надлежност да ги згрижуваме повредените животни, тоа е во надлежност на други институции.
Верувам дека во заедничка координација со сите засегнати институции и служби ќе дефинираме како конкретно да се постапува во слични случаи, за нема немили ситуации, и да се посвети посебно внимание на превенцијата, која е клучна – истакна Ацевски.
Коњи, крави, диви свињи, мечки, па и поголеми кучиња, неретко се причина за бројни сообраќајни незгоди, но и за несреќи со смртни последици на нашите патишта. Здруженијата за заштита на животните со години наназад го потенцираат проблемоти бараат ажурност од институциите, но и повисоки казни за неодговорните сопственици кои го загрозиле животот не само на животните, туку и на сите учесници во сообраќајот.
Вики Клинчарова