Голем број граѓани, но и претставници и од власта и од опозицијата, присуствуваа на одбележувањето на масакрот во Ваташа, каде пред 80 години беа стрелани 12 младинци од страна на бугарскиот фашистички окупатор за време на втората светска војна.
Младите Ваташани на возраст од 15 до 27 години биле убиени на свиреп начин во месноста Моклиште, а злосторството го извршиле припадници на петтата бугарска армија.
-После 80 години од овој грозоморен чин на убиството на 12 млади ваташки деца, денес болката е сè поприсутна и споменот е сè поприсутен. Наша должност е овој грозоморен чин што пред 80 години го извела тогашната бугарска фашистичка влада, никогаш повеќе да не се случи. Токму затоа имаме чест да бидеме тука, да дадеме признание на семејствата на 12 загинати младинци и да испратиме порака, оваа крвава страна од историјата што ја испишала тогашната фашистичка влада, никогаш повеќе не смее да се повтори – изјави Бисера Костадиновска Стојчевска, министер за култура.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара извинување од Бугарија.
-Тогаш можеме да седнеме и да размислуваме за било какво простување, за било каква прошка. Еве тоа го има направено германски министер Вили Брант. Клекнал, се извинил за тоа што го правеле германските фашисти во Полска. Може и тој во името на бугарските фашисти да дојде овде во Ваташа, да клекне и да побара прошка за тоа што го правеле Бугарите во Втората светска војна овде во Македонија – рече Мицкоски.
Денеска беа отворени 12 бисти и спомен соба во чест на 12-те стрелани младинци од Ваташа.
-Денес гордост е дел да си од Ваташа, гордост е да си дел од Кавадарци зошто овие деца го дале животот за слобода на Република Македонија, тука заедно со ваташани, кавадарчани, со повеќе наши граѓани и политичките партии заедно да го прославиме овој ден за да ја градиме иднината на основа на минатото и она што значи 80 години од ѕверското стрелање на овие 12 младинци – изјави Митко Јанчев, градоначалник на Кавадарци.