За три месеци, или летово, Хаки Азири, еден од осудените за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро, ќе излезе на слобода, бидејќи веќе ја издржа досудената 9-годишна затворска казна.
Тој зад решетки е веќе осум години и девет месеци, а во казната му се засметува и времето што го помина во притвор, и тоа од мај 2012 до декември 2017 година и од февруари 2021 година, па сѐ досега, кога е на издржување на казната.
„Казната му истекува на 29 јули 2024 година“, ни одговорија од Управата за извршување санкции.
Да беше осуден за некое полесно дело, а не за тероризам, тој веќе ќе беше излезен од затвор, но поради сериозноста и тежината на кривичното дело, нема да добие скратување на казната, туку ќе остане до последниот ден.
Азири првично беше осуден на казна доживотен затвор, но откако предметот беше укинат од Врховниот суд и премина во рацете на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), нему му беше одмерена полесна казна.
Како и висината на казната, така и неговиот статус во предметот се промени низ годините. Од првичната улога на загрозен сведок, набргу стана обвинет.
Имено, набргу по крвавиот чин, за време на истрагата, тој во два наврати има дадено исказ пред истражен судија како загрозен сведок, што значи со скриен идентитет, но потоа се премисли и се откажа од улогата по што стана обвинет.
На 12 април, пак, навршија дванаесет години од петкратното убиство.
И по толку години, сеќавањата за овој грозоморен чин се сѐ уште свежи и болни, особено за семејствата што ги изгубија своите деца. Им остана вечен непребол за Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Тричковски, како и за рибарот Борче Стевковски.
Пишува: Валентина Вурмо
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК