Јас сум производ на системот, целта беше да се убие гласникот, рече Марјан Стаменковски, познат како Марјан „ДоказМ“, осуден на правосилна пресуда на 2 години и 6 месеци затвор за текстовите со кои правеше јавен линч на познати и непознати, во поткастот „Крш муабети“ на Љупчо Палевски-Палчо, кој пак е осомничен за двојно убиство.
– Јас не ве сонувам за да ве објавам. Некој ми дојавува – зборува Стаменковски, кој бил особено навреден затоа што негови довчерашни информатори, пријатели и соработници пишувале најлошо за него и се сителе на неговото затворање, а претходно со ноќи дремеле на телефон со него, на чат и му дојавувале за швалерај.
Повеќе од една година се води предистрага, која треба да ги открие и неговите брифери, односно соработниците што му давале информации, а дел од нив и плаќале за нив. Додека од Јавното обвинителство велат дека активно се работи на случајот, дека прибираат податоци и дека вршат проверки, „Доказ“ продолжува да врши „лов на вештерки“ и отстрел на „неподобните“.
Една година предистрага: Ќе има ли докази за нарачателите и спонзорите на Марјан „Доказ“?!
Иако му е забранета дејноста со судска одлука, тој и неговите блиски повторно најдоа начин да реобјавуваат стари навредувачки текстови и да објавуваат нови со слична содржина, со навреди и клевети. Од кај Палчо порача дека сѐ додека бил жив, „Доказ“ ќе постоел.
И никој ништо не му може, ниту обвинителството, ниту пак Здруженијата за професионално новинарство. Обвинителството е надлежно за кривични дела, но не и за регулација на порталите, додека, пак, кај нас веб-страниците сѐ уште не се регулирани.
– Обвинителството постапува и ќе продолжи да постапува во сите ситуации каде што ќе се откријат обележја на кривично дело и притоа ги користи сите законски можности што му стојат на располагање. Надлежен орган за извршување на пресудите е соодветниот суд.
Дополнително, и други институции се надлежни да преземат мерки доколку констатираат повреда на правата од приватност и други права на интернет. Доколку, пак, портали основани од други лица со своите објави исполнат елементи на кривични дела, обвинителството, како и претходно, ќе постапи согласно своите законски надлежности“, велат од Обвинителството за „Фокус“.
Од Здружението на новинарите на Македонија, пак, велат дека многупати јавно се залагале да има регистар на онлајн-медиуми со цел да се избегне злоупотребата на овие платформи, за што имало широк консензус во медиумската заедница.
Изработен бил и предлог на нов закон за медиуми, кој бил проследен од Делегацијата на ЕУ до Министерството за информатичко општество и администрација како институција, која беше корисник на овој проект, со кој се предвидува регистар на онлајн-медиуми.
„Целта на овој регистар е да се подобри транспарентноста околу сопственичката структура на медиумите. Исто така, регистарот предвидува конкретни правила, кои онлајн-медиумите е потребно да ги исполнуваат, со цел да бидат членки на овој регистар“, велат за „Фокус“ од ЗНМ.
Со овој закон, порталите би биле законски регулирани, а се предвидува Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги да биде регулатор.
„ДоказМ“ не е член ниту на Советот за етика во медиумите, ниту на регистарот на онлајн-медиуми Промедиа.мк, па поради тоа не можело да стане збор за санкција, односно исклучување од членство, што важи за медиумите што ја носат ознаката „членки на СЕММ“ , односно кои доброволно се заложуваат за почитување на правилата за етичко и одговорно известување.
– Доколку и натаму објавува содржини слични на тие што го одведоа екссопственикот зад решетки, јас би очекувала релевантните државни служби да продолжат да се занимаваат со лицата што и натаму креираат навредливи, дискриминирачки или уценувачки содржини, а се разбира и да обелоденат како овој портал се финансира – вели за „Фокус“ претседателката на Советот, Билјана Спасеска Георгиевска.
Според неа, проблемот со онлајн-медиуми и други креатори на содржини што не ги почитуваат правилата за одговорно и професионално новинарство, а имаат влијание на голем број следбеници, особено на социјалните мрежи, е глобален.
– Правиме напори Македонија да ги следи мерките што се преземаат на овој план во земјите со понапредна демократија, а притоа максимално да биде заштитена слободата на говор – додава таа.
Инаку, Стаменковски првостепено беше осуден на три години и еден месец затвор на 5 април минатата година.
Пресудата ја изрече судијката Марија Клетничка-Марковска од Основниот кривичен суд Скопје, која рече дека Стаменковски е прогласен виновен за сите пет кривични дела за кои се гонеше, односно за две кривични дела за ширење расистички и ксенофобичен материјал и едно дело – уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и злоупотреба на лични податоци.
Казна од 5.000 евра тој доби за делото злоупотреба на личните податоци, додека за останатите четири тој доби по една година затвор или вкупно четири години, кои во единствена затворска казна судот ги пресмета на три години и еден месец.
Покрај тоа, судот му изрече и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно забрана да врши регистрација на домен на портал за време од 10 години, сметано од почетокот на правосилноста на пресудата, а престанува да важи регистрацијата и на сите досега регистрирани домени.
На крајот од мај, пак, Апелацискиот суд донесе правосилна пресуда по јавната седница по жалбите на Обвинителството и Стаменковски и делумно ја уважи неговата жалба и му ја намали казната што претходно ја донесе Кривичниот суд.
Па, наместо три години и еден месец затвор, Апелација правосилно го осуди на две години и шест месеци затвор. Паричната казна од 5.000 евра, забраната за вршење професија и регистрација на домејн му остана и со пресудата на второстепениот суд.
Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.