Осуден е на смрт поради трговија на 1 килограм канабис

by Fokus

Извесен Тангарај Супијах во Сингапур е осуден на смрт поради шверц на канабис. Властите во оваа земја велат дека целиот процес бил легален и валиден, а егзекуцијата е закажана за утре.

Сингапур има едни од најстрогите закони против дрога во светот.

Членовите на семејството на осудениот и активисти ја повикаа претседателката на Сингапур да го помилува, а се побара и преглед на целиот случај.

„Знам дека брат ми не направи ништо лошо. Го повикувам судот да го истражи неговиот случај од почеток“, изјави сестрата на Тангарај, Леела Супијах.

Тој беше осуден за транспорт на 1 килограм канабис од Малезија во Сингапур, во 2013 година.

Иако не беше фатен за време на транспортот, обвинителите рекле дека тој е одговорен за координацијата и пронашле два телефонски броја што ги користел доставувачот до него.

Активистите изразија загриженост дека Тангарај не добил соодветен пристап до преведувач и морал сам да ја аргументира последната жалба, бидејќи неговото семејство не може да си дозволи адвокат.

Сингапурските власти велат дека Тангарај побарал преведувач само за време на судењето, а не и претходно.

За разлика од Сингапур, соседните земји неодамна донесоа различни одлуки. Тајланд ја легализираше трговијата со канабис, додека Малезија ја укина задолжителната смртна казна за тешки кривични дела.

Од неговото семејство рекоа дека ќе продолжат да вршат притисок за промени во правниот систем на Сингапур, дури и ако Тангарај биде погубен.

Поврзани новости