Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите изразува голема загриженост и осуда за начинот на кој повеќе медиуми известуваат за судската постапка поврзана со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Медиумите треба да бидат свесни дека секое претерано изнесување детали за чинот на насилство или злосторство, претставува повреда на достоинството на жртвите, а ги повредува и чувствата на нивните најблиски.
Со навлегување во детални описи на грозоморниот чин, медиумите истовремено внесуваат и вознемиреност во јавната сфера и придонесуваат кон зголемување на чувството на несигурност и насилство.
Комисијата нагласува дека при известувањето за чинови на насилство, бруталности или страдања приоритет на медиумите треба им биде заштита на достоинството на жртвите и на лицата кои се на кој било начин погодени од настаните.
Притоа, медиумите треба да бидат особено внимателни, бидејќи нивните информации допираат до поширока публика, во која има и малолетни и ранливи лица врз кои информирањето за вакви случаи може да остави сериозни негативни последици.