ВМРО-ДПМНЕ го осуди нападот врз новинарката на Ал Џезира Милка Смилевска и нејзиниот колега-снимател на денешниот протест против поскапувањето на струјата во организација токму на опозициската партија.
„Новинарите и медиумските работници ја имаат полната поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. Повикуваме да се расветли настанот од вечерашниот протест и воедно ги повикуваме надлежните органи да ги расветлат сите случаи на попречување на работа на новинари, насилство врз новинари, случаи на физичка пресметка кои власта на Заев ги става под тепих. Воедно, ги осудуваме и случаите кога се врши политичко судски прогон врз новинари кои се критички настроени кон носителите на јавни функции, како и притисоците врз медиуми“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда пристигна и од Здружението на новинари и Самостојниот синдикат на медиумски работници, од каде порачаа дека насилството врз новинари е недозволиво.
„Ваквиот однос кон новинарите кои се на работна задача на терен е неприфатлив и потребно е да биде строго казнет од страна на Министерството за внатрешни работи затоа што насилството кон новинарите не е дозволиво во демократски земји. Доколку ваквите инциденти се толерираат во иднина има ризик да се охрабрат нови посериозни насилства кон новинарите, а со тоа дополнително да се загрози нивната безбедност, правото на слобода на изразување како и правото на информирање на граѓаните“, се наведува во реакцијата.