„Собранието не е и не смее да биде место за организирање на било какви религиски обреди, бидејќи Македонија е јасно определена според Уставот како секуларна држава“ – реагираат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако претседателот на Собранието – Африм Гаши и претставници на бошњачката заедница при оддавање почит на жртвите од геноцидот во Сребреница во Собранието се молеа.
– Ги почитуваме сите религии и религиозни обреди. Меѓутоа, сакаме да истакнеме дека Собранието не е и не смее да биде место за организирање на било какви религиски обреди, бидејќи Македонија е јасно определена според Уставот како секуларна држава. Во нашата земја нема место за религиозни ритуали во државните институции, ниту пак, државата има право да се меша во работата на верските заедници. Во врска со настанот со кој се одбележа геноцидот во Сребреница, каде што еден од учесниците ја злоупотреби поканата и организираше исламска молитва во оваа државна институција, изразуваме најостра осуда – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата апелираат да не се политизира туѓата несреќа и да се собираат ситни политички поени.
– Со оваа постапка не им се оддава почит на жртвите од Сребреница, туку напротив, ова претставува тешка злоупотреба на оваа трагедија заради прибирање на политички поени. Трагедијата од Сребреница треба да биде потсетник за важноста на мирот и почитувањето на човековите права, а не повод за непотребни конфликти и поделби – велат од владејачката партија.
Од опозицискиот СДСМ освен осуда дека на молитвата не ѝ е место во Собранието, побараа институциите да реагираат и да има одговорност.
– Африм Гаши ја наруши секулраноста на државата, тоа е непочитување и на Уставот. На верските обреди не им е местото во македонското Собрание ниту во било која државна институција. Претседателот на Собранието Африм Гаши, инаку коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ со овој чекор ја наруши секуларноста на државата, тоа е не почитување на Уставот. Повикуваме надлежните институции да постапат и за овој случај да има одговорност – велат од СДСМ.