Острени, Мемеди и Села ќе одат кај Ахмети со куп барања и еден услов

by fokus

Алијансата на Албанците ја прифаќа поканата на Али Ахмети и утре ќе присуствува на лидерската средба, но не отстапува од нивните барања, искажани во предизборието пред гласачкото тело, а сега како услов за преговори со мандатарот за нова влада.

Коалицијата на Унитети, НДП и партијата на Зијадин Села има еден многу важен услов, без кој се невозможни какви било преговори – да не седнуваaт на преговарачка маса со политичари осомничени за криминал.

„За време на изборите рековме дека ако освоиме мнозинство гласови, Алијансата на Албанците ќе ги повика сите албански партии на преговори. Со оглед на тоа што освоивме речиси 40.000 гласови, добивме тројца пратеници, не сме во позиција да ги повикаме политичките партии, но затоа ќе ја прифатиме поканата од ДУИ и ќе одиме на состанокот утре со веќе познатите барања и услови“, вели Зулфи Адили од Унитети.

Тој  во изјава за „Фокус“, истакнува дека остануваат на ставот и нема да прифатат какво било коалицирање со луѓе со криминално досие, односно со политичари инволвирани во предмети за кривични дела, покренати од СЈО.

Познато е дека Алијансата на Албанците бара албанскиот јазик да биде официјален во цела држава, поделба на буџетот за да се спречи експлоатацијата на Албанците, правична застапеност.

Весел Мемеди, лидер на НДП потврдува дека утре ќе присуствува на состанокот кај Ахмети, но вели дека нема прецизни информации за што конкретно ќе стане збор.

Претходно, Орхан Муртезани од Беса за „Фокус“ најави дека вечерва претседателството на партијата ќе одлучува дали ќе оди на лидерската средба, ако одлуката биде позитивна дополнително ќе одлучат какви барања ќе испорачаат.

С.М.  

 

 

Поврзани новости