Острени и Мемеди се против обединување со Села: Нашите ставови и програми се различни!

by Фокус

Лидерите на Унитети и на Националната демократска преродба, Гзим Острени и Весел Мемеди, се против ининицијативата на Движењето за реформи – ДПА предводено од Зијадин Села за обединување на овие три партии во еден политички субјект, што ќе го носи називот на нивната коалиција – Алијансата за Албанците.

-Ние имаме различни партиски платформи и програми. ДР-ДПА се залага за дводомен парламент, што подразбира територијално разграничување на Македонија, односно поделба на територии од кои би се избирале претставнции во двата дома. Од друга страна, ние се залагаме за унапредување на процесот на демократизација на Македонија согласно Уставот и уставните амандмани донесени врз основа на Охридскиот Рамковен договор. Кога ја правевме предизборната коалиција, ние утврдивме изборна програма како збир од нашите партиски програми, во која го немаше дводомниот парламент. Но, сепак, Села во кампањата и на терен ја делеше и претставуваше партиската програма, што предвизвикуваше проблеми во коалицијата – изјави за Фокус Острени.

Во однос на вчерашната изјава на потпретседателот на Унитети Зулфи Адили дека 12 од вкупно 15 партиски ограноци на неговата партија гласале за соединување во еден политички субјект под назив Алијанса за Албанците, Острени вели дека ниту Адили ниту ограноците не можат да носат вакви одлуки.

-Набргу по парламентарни избори, на кои Адили не успеа да стане пратеник како носител на пратеничката листа на Алијансата за Албанците во првата изборна единица, тој поднесе оставка до Централното претседателство. Не знам зошто сега го прави ова, но ниту тој ниту ограноците не можат да носат вакви одлуки. Според партискиот Статут, потпретседателот го заменува претседателот во негово отсуство, а ограноците одлучуваат за локални прашања. Вакви одлуки за соединувањето може да носи само Конгресот како највисоко тело на партијата, кој последен пат усвои партиска платформа и програма, во чии рамки никаде не се предвидува спојување со друга партија. Јас уште Конгресот кажав дека кој што денес не го почитува Статутот, утре нема да ги почитува ниту законите и Уставот – истакнува лидерот на Унитети.

И Мемеди ни изјави дека НДП нема да прифати никакво обединување бидејки, според него, нема никаква потреба за тоа. Тој посочува оти Алијансата за Албанците како коалиција функционирала неприкосновено, па ги повикува иницијаторите на овој процес да одговорат зошто брзаат и кому му служи овој потег? Лидерот на НДП на крајот посочува оти како пратеник и како партија остануваат дел од Алијансата за Албанците.

В.С.

Поврзани новости