Остранети се знамињата на Албанија и ОНА од црквата и манастирскиот двор на тетовското кале, кои вчера попладне биле забележани, а случајот веднаш e пријавен во СВР Тетово.
„Вчера попладне во 17 часот и 30 минути во СВР Тетово пријавено е дека непознати сторители на куполата од црквата “Свети Атанасиј” во истоимениот манастирски комплекс на тетовското Кале поставиле национално знаме на Република Албанија, а на метален столб на влезот во Калето било истакнато знаме со натпис УЧК.Веднаш по пријавувањето, на местото е испратена екипа од СВР Тетово. Извршен е комплетен увид и се преземаат мерки и активности за целосно расчистување и документирање на случајот“, информираше портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.
Вакви „декорации“ во манастирскиот комплекс на тетовското кале има речиси секоја година после 14 март, кога челници на ДУИ го одбележуваат почетокот на воените дејствија во Тетово во 2001 година. Чествувањето се одбележува во комлексот посветен на бригадата на „Мујдин Алиу“ лоциран во тетовското село Селце.