Тренерот на фудбалскиот клуб Вардар, Бобан Грнчаров, спортскиот директор Александар Бајевски, заедно со членовите на стручниот штаб Орхан Абди, Игор Тасевски и Стево Митревски поднесоа оставки на функциите и повеќе не се дел од ФК Вардар, објави раководството на „црвено-црните“.
Екипата денес, по планот заминува во карантин, каде што под водство на вардаровата легенда Ѓоко Хаџиевски и координаторот на младинската школа Бобан Бабунски, ќе ги одработи последните подготовки пред натпреварот против Воска.
Јасно напоменуваме дека ова е само преодно решение. Клубот уште вчера започна преговори со потенцијалната замена на позицијата тренер и засега можеме да кажеме дека истите течат добро. Во најбрз можен временски рок, официјално ќе го соопштиме името на новиот тренер за кој сметаме дека достојно и чесно ќе ја води екипата во понатамошниот период. Голем е Вардар, многу поголем од сите нас и затоа веруваме дека заедно со поддршката на нашите навивачи, ќе успееме пред сè, да извојуваме победа во недела а потоа секако и да ја одржиме здравата и позитивна атмосфера во клубот, стои во соопштението на ФК Вардар.
По првите две кола во новата сезона во Првата македонска фудбалска лига Вардар нема освоено ниту еден бод. Загуби на гости од Брера Струмица и дома од Шкупи.