Оставката на поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска, освен „ТНТ“, од почеток ќе го врати и случајот „Монструм“, за петкартното убиство кај Смиљковското Езеро. Но, за разлика од случајот за уривањето за „Космос“, за кој адвокатите најавија дека ќе инсистираат рочиштата од изминатите две години да се повторат, односно повторно да се викнат сите сведоци, вештаци и да се изведат сите материјални докази, случајот „Монструм“ ќе продолжи таму каде што застанал.
И обвинителката Фатиме Фетаи и адвокатот Насер Рауфи, за „Фокус“ појануваат дека ниту на двете страни не им одговара одолговлекување на постапката, и дека е можно да се изгуби само едно рочиште, а потоа да се продолжи со доказната постапка.
-Обвинетите не сакаат судењето да се одолговлекува, имаат мерки на претпазливост, не можат да го напуштат Скопје, па затоа сакаат сето ова што побрзо да заврши. Крајот на процесот исто така што побрзо го очекуваат и оштетените, вели адвокатот Рауфи.
При смена на поротник, односно член на судечкиот совет, во Законот за кривична постапка е предвидено судењето да почне од почеток, а само со согласност на странките може да се одлучи определени сведоци и вештаци да не се сослушуваат повторно, туку да се прочитаат нивните искази внесени во записниците од поранешната главна расправа доколку постои согласност на странките. Адвокатите од „ТНТ“ уште денеска посочија дека нема да дадат согласност, и ќе инсистираат се да се повтори.
Случајот „Монструм“ пред неполни две години го презеде СЈО од редовното обвинителство, а по згаснувањето на специјалното јавно обвинителство, повторно се врати назад, но остана во рацете на обвинителите Фетаи и Гаврил Бубевски.
Масакрот кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.
За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд ги укина пресудите на Кривичниот суд и на Апелација, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
Валентина Вурмо