„Бараме кривична одговорност за Бујар Османи, надлежните органи веднаш да поведат постапка и конечно во Македонија да се поведе соодветна постапка за дела против нарушување на угледот на државата како што е овој случај. Османи веднаш да поднесе оставка од позицијата министер за надворешни работи, тоа е најмалце што може да го направи после ваквиот недржавнички потег кој е понижувачки кон сите граѓани на Македонија“ рече на денешната прес-конференција портпаролката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа смета дека „срамен, недржавнички и понижувачки е односот на Бујар Османи кој во својство на министер за надворешни работи на меѓудржавна средба не го користи македонскиот јазик како официјален јазик на Република Македонија“.
Митева напомена дека на „официјалната средба на Османи со министерот за надворешни работи на Шпанија преку прес конференцијата јасно се гледа дека Османи единствено го употребува албанскиот јазик, иако е јасно кој е службен јазик на Македонија за меѓународна употреба утврден со Уставот“.
„Бујар Османи во својство на МНР на Македонија во добро познатиот негов надмен и понижувачки стил говори на течен албански јазик, иако е назначен да ја преставува Република Македонија. Оваа власт на СДС и ДУИ, на чело со Османи како МНР трајно ги погазува македонските национални вредности, а македонскиот јазик е една од тие најголеми вредности кои ги има македонскиот народ. Османи да престане да биде лицемерен државник“ рече Митева.