Пишува
Александар ТОРТЕВСКИ
Крвавиот четврток веќе една недела е зад нас. Ден кој ќе остави длабоки лузни во македонското општество, во нашите души, во душите на секој граѓанин на оваа наша напатена Македонија. Велам секој, затоа што тоа беше трагедија, која, на овој или на оној начин, нѐ погоди сите. Можам да замислам како им беше на родителите и пријателите на пратениците, кои во директен пренос го гледаа убивањето на нивните најблиски, на новинарите, телохранителите.
Нас „неутралците“, кои пред телевизорите го гледавме масакрот нарачан и долго подготвуван од еден центар, имаше пеколна цел токму нас да нѐ извади на улица и да се судриме со ордите на Груевски за да му се даде простор на говедото од Паљурци да воведе воена состојба. Планот беше одамна направен.
Груевски и неговите советници имаа намера од Македонија да направат Алепо. Да направат братоубиствена и меѓунационална војна, а потоа додека се бројат мртви и жртви, тие да се извлечат за криминалите што ги правеа изминативе години. Впрочем, кој сега во Алепо се прашува дали некој градоначалник украл пари пред војната или дали некој министер зборувал кинески.
ШУПЕЛКИТЕ НА ФАМИЛИЈАТА
Па, и кај нас кон тоа се движи. Кој веќе мисли на Миле, Гордана, Пешевски и остала ситна боранија. На главната сцена веќе има други актери, кои храбро се качија на набрзина поставената подвижна сцена, која, сепак, се движи во една насока, а тоа е Идризово.
Реализацијата на пеколниот план трае подолго време. Ангажирани се повеќе или помалку луѓе со ист ментален склоп, со само наизглед различен општествен статус, но со неколку заеднички именители. Криминал и подготвеност, дури и по цена на убиства да ги задржат привилегираните позиции во општеството. Некои во чист суров криминал (рекет, изнуди, лихви, дилерство и др.), а други скапо платени преку државни работни места, привилегии и хонорари добиени од фамилијата, а платени од народни пари.
Планот се реализираше кога едно чудо познати силеџии и криминалци беа вработени во државни институции, установи, АРМ и Полиција. Немам дилеми. Ова беше злосторничко здружение подготвувано со единствена цел. По секоја цена да се спречи слободно и непречено преземање на власта од страна на парламентарното мнозинство.
Злосторничкото здружение го имаат организирано фамилијата и неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и имало за цел преку насилство, убиства, организирање толпи и закани да ја оствари својата цел. За да ги затскрие вистинските цели и мотиви на злосторничкото здружение беа ангажирани неколку лица: Бетмен Велит, едноокиот Дамевски, пејачот Дурловски, чудесниот Јовановски и слични шупелки, кои прифатија да одат во четници во 1946 години, да организираат „народни“ протести обидувајќи се да го затскријат дејствувањето на злосторничкото здружение под плаштот на наводни народни и спонтани протести, кои веќе три години постојано ги најавуваа Груевски во своите говори како гневен народ, кој тешко дека долго ќе може да го контролира.
ШУШУМИГИ ЗА „НАУЧНА ПОДДРШКА“
За медиумска поддршка на ваквиот план беа ангажирани повеќе медиуми и медиумски работници, со години плаќани и наградувани со државни пари преку измислени и глупи рекламни кампањи, а најважните медиумски лајачи беа богато наградувани со милионски износи преку нивни блиски фирми дебело повластувани со тендери и јавни набавки.
Беше остварена и т.н. квази експертска поддршка на лица од типот на Каракамишева, нејзиниот ментор Саво Климовски, неговиот син, Сотир Костовски, (кој патем успеа и херојски да влезе во Парламентот, со што си купи повластена позиција на идната долга обвинителна клупа), докторот Оливер Андоновски, Даштевски и слични на нив шушумиги, кои медиумски требаше да обезбедат „научна“ поддршка на државниот удар. Овие „експерти“ беа наградувани преку членство во разни управни одбори, вработување блиски членови на семејството на добро платени државни работни места и измислени хонорари.
За извршување на најтешките кривични дела Грујо и компанија го ангажираше подземјето и лицата со криминален ментален склоп со години вработувани во државни служби.
Правна заштита на целото злосторничко здружение требаше и сѐ уште му укажуваат Марко Зврлевски, Гордана Гешковска и голем број судии од Скопје 1, со што стануваат истакнати членови на здружението, преку постапки кои би се однесувале на меѓусебно тегнење коса на две жени скарани околу прашањето која побргу ќе полни вода на селската чешма, а не за државен удар во чие спроведување се извршени најтешките кривични дела од КЗ, меѓу кои и повеќекратно убиство (за среќа во обид), како што одлично ги лоцираа Гордан Калајџиев и колегата Филип Медарски.
Во државниот удар активно учество зедоа и огромен број лица претходно осомничени и обвинети од страна на СЈО надевајќи се дека во хаосот што требаше да настане ќе го пронајдат магичното стапче со чија чудесна моќ ќе успеат да ги анулираат постапки на СЈО.
ХЕРОИТЕ ОСТАНАА ЖИВИ
Злосторничкото здружение имаше и уште една цел, која, за жал, успеа да ја реализира. Тоа беше нивната намера за проширување на бројката на луѓе, кои заедно со нив ќе се борат до крај и ќе потонат заедно на крај. Ако пред државниот удар муштерии на вистински и прочистени правосудни органи требаше да бидат десетина лица, сега на фамилијата ѝ успеа тој број да го прошири на неколку стотици, меѓу кои, за жал, и уметници, доктори, директори, „просветни работници“ на кои со наредбата да влезат во собранието, Грујо им ја испорача фактурата за долгогодишната незаслужена државна цицка на која беа закачени.
Сепак, во овој болен и гнасен процес Македонија се прочистува. Како организам нападнат од чиреви. Чирот не поминува додека не пукне и не истече гнојот, а во четвртокот тони гној истекоа во канализација, а на површината излегоа нови чисти лица, кои машки се бореа и ги ставија животите на коцка, само со цел да се избегне граѓанска војна. За нивна и наша среќа како и за среќа на напаѓачите, хероите останаа живи.
Со оглед дека ова веќе е време за дефинитивно изјаснување, ги повикувам сите јавни обвинители во Македонија: Излезете и оставете ги Зврлевски и Гешкоска сами нека се удават во злосторничкото здружение! Не бидете нивни соучесници! Ова го должите на сопствените деца, на сопствените родители што ве школуваа за да раздавате право! Имате историска одговорност пред себеси и заклетвата што ја дадовте! Можеби неколку месеци нема да земате плата, но ќе заработите гордост и достоинство со која вашите наследници со генерации ќе се гордеат!!!