Повеќе од 20 години сум стилист, но последниве неколку години животот ме одведе и во друг правец, започнав со изработка на перики за онколошки пациенти, кои поради хемотерапијата ја губат својата коса.
За овој период, откако се посветив на изработката на периките, секојдневно сведочам на тешки, емотивни моменти, ја гледам болката и шокот кај моите клиентки, и во секоја перика исткајувам дел од себе, од својата душа, бидејќи сакам најискрено да помогнам, раскажува за ,,Фокус”, Данијела Стојковиќ – Дани.
Причината да започне со изработка на перики била тоа што и самата се соочила со проблем, делумна алопеција, односно опаѓање на косата.
Свесна дека жените гледаат на својата коса како на најголем украс, дека таа едноставно им е знак за женственост, убавина и личен печат, таа се посветила на изработката на квалитетни перики, кои тешко може да се разликуваат од природната коса, а бидејќи по професија е стилист, многу внимавала периката да се вклопи во целосниот изглед на клиентите.
-Ни самата не бројам колку перики изработив овие години. Бројките се застрашувачки! Како пример ќе кажам дека неделно ми се јавуваат по пет до шест клиентки!
Станува збор за жени на сите возрасти, неодамна изработив перика за девојка која има само 27 години. Поразително е тоа, остава трага, стануваш дел од животот и од битката која ја водат овие храбри жени, сведок си на нивната болка.
Кога ќе сфатат дека косата веќе им опаѓа, дека во огледало ќе видат сосема друг лик, тие се скршени.
Мислам дека во тие моменти, кога веќе ќе дојде до опаѓање на косата, тие на некој начин се соочуваат со болеста, со сето она кое карциномот го носи со себе.
Тешко оди да ги убедиш жените дека и без коса се убави. Разочараност, изгубена самодоверба, па дури и срам, тоа е сплет на емоции, на кои не се останува рамнодушен.
Најчесто се сретнувам со жени и девојки кои се борат со карцином на дојка и лимфни јазли. Алармантно е колку жени се на удар на оваа болест – појаснува Стојковиќ.
Вели дека таа на лагер има перики, но клиентките можат и самите да си донесат по желба. Користела комбинирани техники на изработка, од природно и синтетичко влакно.
Во зависност од густина, должина и состав, цените на периките се движеле од околу 200 евра, па нагоре, до околу 2.000 евра. Изработувала перики кои клиентите самите ги ставаат и вадат кога ќе посакаат, но изработувала и перики за кои се користи посебно лепило и кои можеле да се носат по три недели, и можеле да се мијат.
-Најчесто доаѓаат жени, но има и мажи кои се решиле да носат перика. За изработка потребни ми се од неколку часа, па се до неколку дена. Оние моменти, кога клиентите ќе ја стават периката за првпат, кога ќе се погледнат во огледало, тоа се емотивни ситуации кои измамуваат солзи во очите, но се трудам секогаш да останам силна, воедно и среќна што некому сум помогнала во тешкиот период од животот – раскажа Данијела.
Порача дека заинтересираните можат да ја контактираат на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм.
Вики Клинчарова