Пишува: Тања Алексиќ
Зборот ѓубре, и во информативен, но и во вулгарен контекст, станува метафора на чинот сеење семе на омраза и негово секојдневно ,,поѓубрување“, за да вирее здивено во сите сфери на општеството.
Материјалното ѓубре го има многу повеќе надвор од корпите за отпадоци и контејнери, таму каде што не му е местото, исто колку што и вулгарното изразување излегува на виделина од устите на поединци, што не прилега на нивното место во општеството.
,,Во арно лесно е да си арен, на мака јунак се познава“ – Његош во ,,Горски венец“ мудро размислува за човечкиот ум растргнат од маки, несреќи и непријатности, како умно останува човек и кога му е најтешко.
Кога идни академци фрлаат ѓубре од своите живеалишта – ќе нема здрав живот за никого. Можеби им е тешко да се симнат и да го фрлат на вообичаено место, можеби и условите во нивните студентски соби не се на ниво, но вредниот дух и од отпад создава уметност и нема да си умислува дека друг е платен да го сработи неговото.
Некој ѓубрето го крие под тепих, а некој го исфрла на виделина. Момо Капор во „Фолиранти“, чие дејствие 80 отсто се случува во белградскиот Студентски дом, пишува дека ледината пред домот била постојано полна со ѓубре, а Капор тоа некако го оправдувал со незадоволството и бесот на студентите од условите во кои престојувале.
Некогаш, основна културна навика во сите скопски маала беше да си го сметеш дворот, но и улицата пред твојот двор, било после прскалка или снежен нанос. Бевме воспитувани како градски деца без комплекс на метла.
Замислете, некогаш со вода се плакнеа улиците што не беа мермерни, бекатонски или свежо асфалтирани од новата власт, но беа чисти без тешки метали, затоа што редовно се прскаа со вода, стара добра хигиенска навика.
Се сеќавам кога ќе поминеше прскалка пред семејната куќа на Алжирска, веднаш се фаќав за метла, а ако видам комшиско кесе со ѓубре пред неговата врата, јас ќе го фрлев без да проговорам.
Ние од јавниот простор правиме депонија, а западњаците светиња. Во Швајцарија, уште во далечната 1989 година, првпат видов во трафиките да се продаваат мастики со мало пакетче книвчиња за завиткување изџвакани мастики, пред да се фрлат во корпа за отпадоци или пепелник.
Да не споредувам со нашите изџвакани, сочно исплукани и залепени мастики, од детските коси преку училишни и студентски клупи, ходници, тротоари, паркови каде за птиците и смрт значат.
Ѓубрењето на околината често се манифестира и со истурање продукти на метаболизмот, па фекалии може неочекувано да ве пресретнат на невообичаени места.
Кога некој ќе ја утне веце-шолјата видливо е за санација, ама кога некој има потреба својата нужна потреба да ја манифестира на отворени површини како гаражи, ќошиња од згради, тревници и дрвја, тогаш можноста да згазнеш фекалија е твоја, било човечка, било животинска.
Кутрите кутриња, немаат никаква вина за да ги ,,мразиме“ оти се избербатиле на несоодветно место. Соодветно е нивниот газда – шетач, од љубов кон нив и човештвото уредно да го собере изметот. За кутрињата без газди се знае, гледај каде газиш!
Но, кога си во фекалии, не претај, уште повеќе ќе се избербатиш, било во физичка смисла, било во преносна, остануваш ѓубре до крај!
За крај мора да го спомнам Бора Чорба со неговиот предлог-наслов за албумот ,,Остани ѓубре до краја“, а тоа бил „Пљување у вис“ или во духот на Конфучи ,,Све је у животу срање осим пишања, а и пишање је срање кад пишаш уз ветар“. Се извинувам за вулгарностите, ем на српски јазик, „због ради избегавање на чукање по падежима е“.