ОСТАНАВМЕ И БЕЗ ЦЕЦА

by fokus

Откако стапи на сила забраната за емитување на музика од автори кои што се членови на ЗАПМ пред десеттина дена, наскоро ќе останеме и без српска музика во етерот.

Здружението за заштита на авторските и музички права на барање на Организацијата на српските музички автори СОКОЈ, им забрани јавно емитување на музика од репертоарот на СОКОЈ на сите радио и телевизиски станици на територија на Република Македонија. Забраната стартува од први октомври (сабота) и одтогаш нема да смее да се емитува музика од српски автори.

„Како што стои во известувањето на СОКОЈ, причините за доенсување на одлуката за забрана за користење на репертоарот на СОКОЈ произлегува од фактот дека со издадената дозвола од Министерството за култура на РМ на организацијата СОКОМ МАП и предложениот од нивна страна Правилник со тарифа за користење на авторски музички дела е направено намалување за 50% во однос на јавното соопштување на авторските музички дела, споредено со предлогот на ЗАМП, а пак во делот на емитување и реемитување предлогот е за околу 100% понизок“ – стои во соопштението на ЗАМП.

Голем број на автори, но и на наши пејачи реагираат поради забраната и сметаат дека треба да дадат лична изјава со која што се согласуваат да се забрани пуштање на нивна музика. Пејачи, кои што им платиле високи суми на  авторите за нивните композиции тврдат дека се оштетени и доведени во незавидна состојба. Има реакции и од продуцентските куќи кои што снимаат спотови за нашите музичари, но сеуште нема предлог од надлежните околу надминување на проблемот.

,,Останавме и без Цеца, сега може да ги учиме песните на Азис и Гергана,, и ,,Кога во ресторан ќе нарачам бифтек, треба да му го платам на келнерот, но и на касапот,, се само дел од коментарите на социјалните мрежи постирани од страна на наши музичари, по повод забраната.

ЗАМП, исто така, потсетува дека од 20 септември стапи со сила забрана за емитување на авторски музички дела по пат радиодифузно емитување од репертоарот на ЗАМП и нема најава до кога ќе трае истата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости