Со мал интерес заврши рокот на јавниот оглас кој го распиша Град Скопје, а со кои се нудат бесплатни обуки за идните оџачари. Како што велат од Градот, на огласот се пријавиле само 12 кандидати, иако беше предвидено да се изврши обука за оџачари на 25 невработени работоспособни лица.
Градот понуди добри услови за кандидатите и го продолжи рокот откако на првиот рок се пријавија само шест кандидати. Сепак малкумина пројавија интерес. Освен што кандидатите ќе добиваат по 9.000 денари месечно додека треа обуката, по нејзиното завршување ќе добијат сертификати, но и основни материјали за отворање на сопствен бизнис. Според Градот тоа е извесно вработување, имајќи предвид дека чистењето на оџаците ќе биде субвенционирано од градскиот буџет.
Мерката беше осмислена во соработка со Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување на Република Македонија, на тој начин што ќе им се понуди можност за заработувачка на големиот број невработени граѓани кои активно бараат работа.
Според податоците на Државниот завод стапката на невработеност во Македонија изнесува 21 отсто. Професијата оџачар, пак, е дефицитарна професија во земјава. Во Скопје сега има само 8 регистрирани оџачари, а 45% од вкупниот број домаќинства во Скопје се грејат на дрва, што е една третина од уделот во вкупното загадување на воздухот во градот.
„Според некои податоци во Скопје има над 60.000 оџаци што многу ретко се чистат, а општо е познато дека неисчистен оџак загадува најмалку двојно повеќе во споредба со исчистен оџак“, велат од Градот.
Освен тоа приходите од оваа работа не се мали. Едно чистење на оџак чини до 1000 денари. Освен тоа заработката е сигурна од причина што домаќинствата кои се греат на дрва имаат обврска два пати годишно да ги чистат оџаците. За јавните објекти оваа обврска е еднаш месечно.
Професијата не е лесна, но е чесна и благородна. Според народните верувања оџачарот носи среќа, но освен тоа чистењето на оџакот го затоплува домот, а и превенира од евентуален пожар. И покрај големата невработеност сепак изгледа дека не секој сака да ги завитка ракавите и да си ги извалка рацете.
Обуката на Град Скопје ќе започне на 1 јуни и ќе трае три месеци.
„Годинава Градот Скопје предвиде 10 милиони денари за субвенции за чистење на оџаците. Овие субвенции ќе се реализираат по успешно спроведената обука на новите оџачари. Сакаме да нагласиме дека редовното чистење на оџаците овозможува подобро затоплување на домовите, а гарантира и безбедност од евентуални пожари и штети во текот на грејната сезона. Апелираме до секој одговорен граѓанин пред почетокот на грејната сезона да ги исчисти оџаците на својот дом и со тоа да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот и за безбедноста на средината во која што живее“, порачуваат од Градот.
Од таму додаваат дека оваа мерка е само дел од чекорите што ги презема Град Скопје за решавање на проблемот со аерозагадувањето во зимските месеци.