Останаа ли студентите без субвенциите за оброк, кои лани ги воведе Царовска?

by fokus

Редовните студенти на државните и приватни универзитети во земјава се уште не знаат дали годинава ќе добиваат субвенции за студентски оброк.

На страницата на Министерството за образование и наука се уште не е објавен јавен повик за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк, новитет кој минатата година го воведе поранешната министерка Мила Царовска.

Станува збор за сума од 2.400 денари месечно која им се исплаќаше на трансакциска сметка на студентите кои ги исполнуваа условите, девет месеци во годината, а за која Царовска информираше дека се доделува со препорака да се искористи за купување на здрава храна.

Тогаш таа најави дека проекциите за 2021/2022 година биле дека ова право ќе го користат околу 40.000 студенти, за што биле обезбедени средства од буџетот на МОН. Во мај лани од МОН известија дека правото го оствариле повеќе од 28.000 студенти.

Минатата година уште во месец август студентите можеа да аплицираат за субвенциите за студентски оброк, додека годинава се уште нема официјална информација за аплицирање, односно студентите не знаеле дали воопшто ќе добиваат субвенции.

,,Фокус” се обиде да добие повеќе информации на темава од министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, но до објавата на веста не добивме повратен одговор на нашите прашања.

Вики Клинчарова

Поврзани новости