Осомничените за тешката сообраќајна несреќа на автобусот на „Дурмо турс“ во која 16 лица го загубија животот, а вкупно 38 патници се здобиja со тешки телесни и телесни повреди остануваат во куќен притвор, откако Основниот кривичен суд Скопје го одби како неоснован предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје за определување на мерка притвор.
– Постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинтелство за определување мерка притвор за шест лица, опфатени со обвинителниот акт за автобуската несреќа која на 13.02.2019 година се случи кај селото Ласкарци, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје по разгледвање на фактите и доказите во предлогот донесе решенија со кои предлогот на обвинителството за определување мерка притвор го одби како неоснован, а ја продолжи мерката куќен притвор за нови 30 дена. Што се однесува до поднесениот обвинителен акт, истиот согласно АКМИС – системот е распореден на оценка кај совет за оценка на обвинителен акт кој треба да закаже седница за оценка, а по донесената одлука странките и јавноста ќе бидат благовремено известени, информираат од Основниот кривичен суд – Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје вчера поднесе обвинение против шест лица, осомничени дека сториле тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот кои резултираа со тешката сообраќајна несреќа на автобусот на „Дурмо турс“.
Сопственикот на компанијата превозник, како што се наведува во соопштението, единствено поседувал задолжителен сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај, како услов за добивање лиценца за вршење превоз на патници. Сепак, иако бил должен како одговорно лице, тој не организирал ниту пак трајно вршел контрола над исполнувањето на пропишаните услови за работа на возачите и на техничката исправност на возилата, со што постапил спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во исто време, тој не организирал ниту вршел контрола над целокупното работење на превозникот, не ги запознал возачите за придржување кон одредбите од Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај, не обезбедил редовно преземање на податоците од тахографот и не водел евиденција и проверка на времето на управување со возилата за секој возач посебно.
Иако знаел дека не смее, раководењето со возниот парк го препуштил на вториот обвинет, кој не поседувал сертификат за професионална компетентност во патниот сообраќај. Обвинетиот раководител на возниот парк, пак, давал насоки на возачите каде да го однесат автобусот за да се изврши манипулација на тахографот со цел да избегнуваат казни за сообраќајни прекршоци.
Свесни за континуираната техничка неисправност на автобусот, двајцата обвинети не презеле дејствија за поправка на битните делови од системот за сопирање на автобусот, знаејќи дека и во таква состојба автобусот ќе биде прогласен за технички исправен, затоа што техничките прегледи се вршеле во здружение во кое првиот обвинет исто така е одговорно лице-управител. На овој начин двајцата се обвинети дека сториле кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл.297 ст.2 од Кривичниот законик.
-Три други лица, вработени во станицата за технички преглед, се обвинети дека во соизвршителство сториле кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл.299 ст.1 од Кривичниот законик. Ним им бил доверен надзорот врз состојбата и исправноста на автобусот, но заеднички, со несовесно вршење на должноста при задолжителен технички преглед, предизвикале опасност за животот и телото на патниците. На 02.07.2018 година, при редовен периодичен шестмесечен технички преглед, воочиле дека е неисправен ABS системот и дека постои недоволна ефикасност на кочењето од 32 отсто, како и разлика од 56 отсто меѓу силите на кочење меѓу левото и десното тркало на втората кочница од втората (погонска) оска. Сепак, во записникот за технички преглед не ги навеле овие неисправности и со свој потпис и печат го завериле записникот за технички преглед, прогласувајќи го возилото за технички исправно. При следниот технички преглед на 18.12.2018 година тие воопшто не го прегледале уредот за сопирање, за кој претходно знаеле дека е неисправен. Повторно изготвиле записник за технички преглед и потврда во кои навеле дека возилото е технички исправно, информираат од Јавното обвинителство.
Оттаму посочуваат дека со обвинителниот акт е опфатен и возачот на автобусот на критичниот ден, 13.02.2019 година, кој е обвинет дека сторил кривично дело – тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл.300 ст.2 во врска со чл.297 ст.1 од Кривичниот законик. Тој го управувал автобусот со 55 патници во него, по средната сообраќајна лента од автопатот „Мајка Тереза“, во правец од Скопје кон Тетово. Кога дошол во близина на селото Ласкарци, при изминување на благ свиок во десно, возел со недозволена брзина од 99 км/час. Притоа брзината не се регистрирала правилно на тахографот, бидејќи обвинетиот го управувал автобусот со вклучен прекинувач за неправилно бележење на брзината.