Осомничените за смртта на младиот Никола Саздовски ќе одговараат за убиство, а не за насилство. Од Обвинителството денеска информираа дека е направена преквалификација на кривичното дело.
Имено, наместо за кривично дело Насилство од член 386 став 6 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, против тројцата осомничени ќе се води истражна постапка за кривично дело Убиство извршено на свиреп начин од член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, информираат од обвинителството.
Оттаму додаваат дека ваквата одлука следува откако во текот на истражната постапка биле обезбедени вербални и материјални докази, односно биле испитани повеќе сведоци, бил прибавен обдукцискиот протокол од Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а особено по изготвеното судско–медицинско вештачење извршено по наредба на јавен обвинител од страна на истиот институт.
-Ова вештачење беше доставено во обвинителството на 16 јули 2018 година и од него неспорно произлегува динамиката на кривично-правниот настан во смисла на видот и карактерот на здобиените повреди кај лицето Н.С., а се утврдува и причинско–последичната врска на нанесените повреди и нивното влијание на смртниот исход.
Одлуката за преквалификација на кривичното дело можеше да се донесе само откако јавното обвинителство ги обезбеди сите релевантни докази, меѓу кои и судско медицинското вештачење, и откако ги утврди фактите кои произлегуваат од тие докази.
Истражната постапка против тројцата осомничени ќе продолжи за кривичното дело убиство. Пред да биде донесена јавно-обвинителската одлука, двајцата осомничени кои се наоѓаат во притвор во Затворот Скопје ќе бидат доведени пред надлежен јавен обвинител за да дадат своја одбрана за ова кривично дело, информираат од обвинителството.
Од јавното обвинителство информираат и дека за третиот осомничен ќе биде распишана домашна и меѓународна потерница.
-Воедно, надлежен јавен обвинител во текот на истражната постапка, продолжува да презема и други истражни дејствија, меѓу кои ќе издаде и наредба за медицинско психијатриско вештачење на двајцата осомничени, стои во соопштението на обвинителството.