Осомничените за сквернавењето на гробот на младата кумановка барале златен накит, поточно златен ланец, го отвориле ковчегот, но не успеале да најдат ништо, соопштува кумановското обвинителство. За сквернавењето на гробот осомничен е триесетгодишен кумановец за и двајца осуденици кои биле излезени на викенд од затвор.
-Осомничениот, заедно и по претходен договор со уште две лица, на 10.10.2021 година, околу 1 часот по полноќ, на Градските гробишта во Куманово со совладување на препреки, се обиделе да одземат туѓи подвижни предмети со намера противправно да ги присвојат. Тие со помош на рачен алат, лопати и ашов ја тргнале мермерната плоча со која бил покриен гроб, започнале да ја ископуваат земјата и дошле до ковчегот во кој се наоѓало тело на починато лице. Осомничените го отвориле ковчегот и започнале да вршат пребарување на телото со цел пронаоѓање на златен накит, особено златен ланец за кој имале сознанија дека се наоѓа на телото на покојната, меѓутоа при пребарувањето не успеале да пронајдат ништо, поради што делото не го довршиле, велат од ОЈО Куманово.
Јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово до надлежниот суд поднесе Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот. Постапка се води и против другите двајца осомничени, кои во моментов се наоѓаат во затвор на издржување казна за друго кривично дело.
Гробот е на седумнаесетгодишна кумановка која во јануари минатата година загина во сообраќајна несреќа.