Човекот кој беше уапсен во неделата под сомнение дека се обидел да го убие поранешниот претседател Доналд Трамп, во понеделникот за првпат беше изведен пред судот. Рајан Весли Рут, 58-годишник од Хаваи, беше обвинет по две точки за поседување оружје.
Обвинителот во федералниот суд во Вест Палм Бич, Флорида, соопшти дека Рут е обвинет за нелегално поседување оружје поради претходна осуда за кривично дело и за поседување пиштол со сериски број што не може да се следи.
Според обвинението, податоците од мобилните телефони покажуваат дека Рут поминал повеќе од 11 часа во близина на теренот за голф на Трамп пред да биде забележан од агенти на Тајната служба, пишува Ројтерс. Неговиот мобилен телефон бил лоциран во областа помеѓу 2 часот наутро и 13.30 часот во неделата на 15 септември.
На Рут му се заканува 15 години затвор доколку биде осуден по првата точка, а уште 5 години по втората точка.
Против Рут најверојатно ќе бидат поднесени и други обвиненија, но засега овие две точки им дозволуваат на властите да го задржат во притвор додека трае истрагата, пишува Voice of America.
Рочиштето за кауција е закажано за 23 септември.