Осомничениот поранешен економски директор во скандалот „Онкологија “ , Нехат Нухи пред одредено време отворил своја адвокатска канцеларија, неофицијално дознава „Фокус“.
Според нашите информации, тој е дипломиран правник, а тоа може да се забележи и на документите кои ги потпишувал за јавни набавки во периодот додека работеше како организациски директор на скопската Клиника за Онкологија. Нухи веќе неколку месеци работи како адвокат, а промена во неговите лични податоции може да се видат и на неговиот официјален фејсбук профил, каде има ставено профилна фотографија, на која јасно пишува дека е адвокат, а под неа добива бројни честитки.
Поранешниот економски директор Нухи пред точно една година е осомничен во скандалот „Онкологија“, кој го отвори „Фокус“. Тој се сомничи за измама во службата.
Обвинителката во овој процес, Ана Гоговска-Јакимоска лани ова време истакна дека медицинскиот и организацискиот директор набавиле лекови на реверс пред склучување на договор за јавна набавка, без согласност од ФЗОМ во период кога постапките за јавна набавка се уште не биле спроведени од Министерството за здравство.
„Фактурите за вака набавените лекови биле изготвени и доставени до Клиниката по склучување на договорите за јавна набавка, без почитување на начелото на конкуренција. Набавени се лекови по склучување на договор со добавувачите без согласност од ФЗОМ. За да сите овие набавки и склучени договори предизвикаат правно дејство мора да имаат согласност од ФЗОМ, без неа, немаат правно дејство.
Во периодот од 2018 до 2021 година, осомничениот медицински директор не ги фактурирал лековите од биолошката терапија кон ФЗОМ, биле преземани обврски над определениот годишен буџет, Клиниката вршела делење на набавката на ист лек и спроведувала постапка со преговарање без објавуавање на оглас во неколку наврати за краток временски период. Она што е карактеристично за оваа постапка е недостатокот за транспаретност и субјективно однесување на учесниците во постапката. Ова отвора можност за коруптивни практики.
Оваа постапка за преговарање без оглас се смета за постапка која не треба да се користи освен доколку ситуацијата не дозволува спроведување на други постапки за доделување на договори за јавни набавки“, рече тогаш обвинителката.
На Нухи му е одземен пасошот и доби забрана за напуштање на Скопје.
Пред повеќе од една година „Фокус“ објави дека мајката на екс економскиот директор на Онкологија во систем била заведена со дијагноза рак на бели дробови, иако не била онколошки пациент.
Според документите, мајката на Нухи на клиниката била заведена со дијагноза рак на бели дробови, за подоцна во истиот тој систем да заврши со дијагноза анемија.
Таа не боледувала од никаков вид на карцином, иако во историјата пишува дека „имала“ рак на бели дробови, ниту пак примала онколошка терапија.
„Фокус“ скандалот Онкологија го отвори пред повеќе од една година, а според информациите од Обвинителството дури 30 милиони евра е претпоставената штета.
Според обвинителството, двајцата директори на клиниката за онкологија за две години, од 2019 до 2021 година, набавувале залиха од лекови без тендер и без да ги знаат реалните потреби за пациентите.
Пациенти биле несоодветно лекувани на скопската Клиника за Онкологија, потврдиле вештачењата кои Обвинителството ги добило од соседна Србија. Ова на брифинг со новинарите пред неколку месеци го соопшти скопското Обвинителство, кои посочија дека се чека и второ вештачење кое се прави во Словенија.
Според информациите споделени на брифингот, и натаму постојат сомнежите дека на некои пациенти не им е давана терапија, иако е препишувана на нивно име.
„Испративме истории во Србија, околу 16 истории со што тоа вештачење е изготвено и ние доставено на нас. Другото вештачење по однос на останатите 51 историја – тоа се уште не е готово и имаме прелиминарен извештај дека до крајот на јануари ќе биде готов и тој извештај“, тврдеа тогаш од скопското Обвинителство и додадоа:
„Нашите сомнежи по однос на несоодветно лекување се потврдени со вештачењето од Србија, а другото вештачење не можам да го коментирам. Се надевам дека тогаш би ја затвориле истрагата“.
Ирена МУЛАЧКА