632
Вики Клинчарова
Поранешниот министер за земјоделство Љупчо Димовски и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, осомничена за злоупотреба на службената положба во предмет на СЈО – „Тврдина“ , пред неколку дена во заедничка дружба на манифестацијата ,,Виноскоп“, уживаа во дегустација на понудените вина.
Фотографиите од дружбата поранешниот министер ги сподели на својот Фејсбук профил, а за ,,Фокус,, раскажа дека средбата со Јанкуловска не била случајна, туку претходниот ден се договориле да ги пробаат вкусните македонски вина.
,,Сликата ви збори сама за себе. Се дружиме со Гордана, а на манифестацијата, нормално дека пиевме македонско вино. Нашите вина се едни од најдобрите,, – ни раскажа тој во телефонски разговор.
И додека бившите министри, и илјадници останати посетители уживаа во разните видови на вина понудени на ,,Виноскоп“, лозарите се во очај. Освен ниските откупни цени, отежнатиот откуп, во последниве три дена буквално ,„ги дотепа“ и дождот, кој што значително ја намали шеќерноста на грозјето. Поради тоа, винарската визба ,,Повардарие“, од Неготино, ги информираше лозарите дека откупот е запрен од завчера, а би требало да продолжи од утре, ако дозволат временските услови.
Голем е бројот на лозаропроизводителите кои што годинава решиле да не го берат грозјето, бидејќи според ниските откупни цени и исплатата на рати за шест месеци, направиле пресметка дека ќе бидат во загуба, или пак ќе имаат минимална добивка. Затоа, ако прошетате покрај лозјата во Тиквешијата, може да се забележи дека голем дел од нив не се обрани, а грозјето веќе почнало да скапува.
,,Свесен сум дека ситуацијата е сериозна! На лозарите ќе мора да им се излезе во пресрет. Ова не е нов проблем, но мора да се најде начин да се надмине. Како поранешен министер за земјоделство, упатен сум во тематиката, и се надевам дека никој нема да биде оштетен“, ни изјави Димовски.
Вики Клинчарова