Основците од денеска ќе можат да посетуваат настава со физичко присуство без задолжително носење заштитна маска, откако Владата на вчерашната седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за олеснување на дел од ковид мерките што важеа за учениците во основните училишта.
Одлуката стапува на сила од денеска и ќе важи сé до доставување на евентуален нов предлог од страна на Комисијата за заразни болести. Сепак, оние ученици кои ќе сакаат, можат и понатаму да носат заштитна за време на престојот во училишниот објект. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува обврската за носење маски.
Покрај, ова Владата реши и да започне настава со физичко присуство на факултетите во земјата со почитување на препорачаните превентивни мерки за превенција од коронавирус Ковид-19, задолжително носење заштитни маски во затворен простор, одржување на физичко растојание од еден до два метри, зачестена хигиена на рацете со задолжителна дезинфекција пред влезовите во предавалните, амфитеатрите, вежбалните, односно негрупирање и често проветрување на затворените простории, со препорака за вакцинација на студентите и наставниот кадар на факултетите во државата.
Влада одобри и да се зголеми максималната исполнетост на капацитетот на отворен и затворен простор од досегашниот најмногу до 50 отсто, на најмногу до 75 проценти, со задолжително носење на заштитни маски за културни настани – театри, кина, филхармонија, како и семинари, обуки, состаноци, конференции и слично.
Се укинува и обврската за обезбедување редарски служби во економските оператори, како задолжително поседување сертификат или потврда за извршена имунизација, односно примени две дози на вакцина против Ковид-19 или за прележан Ковид-19 во последните 180 дена, за посета на угостителски објекти на отворено. Во исто време, за затворените делови останува обврската за задолжително поседување на сертификатите за вакцинација или за прележаност.