Основните и средното училиште од Неготино ги повикаа учениците на настава, професори велат директорите да не им се мешаат во штрајкот

by fokus

Објава на официјалните страници на двете основни и на средното училиште во Неготино беше споделена вчера, а во истата учениците се повикуваа денес да се вратат во школските клупи.
Информацијата дека од денес училиштата продолжуваат со редовната настава, и покрај актуелниот штрајк, ги збуни учениците и родителите.

Дали ќе има кој да им држи настава на децата и дали во Неготино е прекинат штрајкот на сите просветни работници, беа често поставувани прашања од страна на родителите.

Многу од нив се пожалија дека во онлајн групите на нивните класови, класните раководители не им одговориле на прашањата дали ќе има редовна настава, или пак учениците ќе дојдат во школо, а ќе нема кој да им држи часови поради штрајкот.

Во разговор за ,,Фокус” дел од наставниот кадар вели дека продолжува со штрајкот, а директорите на училиштата немаат право за време на штрајк од нив да бараат да се вратат на работа.

Други пак, иако помалкубројни, велат дека доколку учениците се вратат во клупите, без проблем ќе продолжат со одржување на часовите.

Денес дел од учениците имале настава, односно одржале часови само од оние наставници и професори кои решиле да прекинат со штрајкот.

-Во нашето училиште денес одржаа настава 17 наставници, од вкупно околу 80. Учениците кои дојдоа имаа по три часа, оние пак кои отсуствуваа нема да добијат неоправдани изостаноци – ни изјави Петар Мантев, директор во Основното општинско училиште ,,Гоце Делчев”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости