Основниот интернистички преглед ќе поскапи за 10 до 15 денари

by fokus

Основниот интернистички преглед ќе поскапи за 10 до 15 денари, најави денеска директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) Сашо Клековски. Сегашната цена за специјалистички преглед кај интернист е 380 денари, а таа е цена пред повеќе од 10 години.

„Знаете колку чини специјалистички преглед во приватни здравствени установи? Разгледуваме неколку опции, цената нема да порасне како во приватните болници, меѓутоа зборуваме за соодветно валоризирање на трудот на специјалистите. Зголемувањето на партиципацијата може да биде за 10 – 15 денари, а не некакво радикално зголемување“, рече Клековски.

Во однос на зголемување на капитацијата за матичните лекари, тој рече дека се во разговори со Здружението на приватни лекари и со стоматолозите и со матичните гинеколози, кои се сите во сегментот на примарна заштита. Разговарале за дестимулативните мерки, за казнената политика, за капитацијата и за превентивните методи, „во сите тие делови има измена, ние начелно имаме договорено цел каде сакаме да стигнеме, тоа ќе биде повеќе од пристојно зголемување“.

Поврзани новости