Покрај тоа што мора да имате основни познавања за управување со возило и да расудувате добро, постојат и други основни правила што мора да ги знаете и да ги следите. Информациите за ова истражување ги презедовме од www.nocarnofun.com, со дозвола на авторите.
Тие се следниве:
Не возете на непрописно растојание од возилото пред вас:
Доколку возите „залепени“ до возилото пред вас, тоа значи само едно: Доколку истото возило закочи нагло, со сигурност ќе се удрите во него. Денешните уреди за безбедност, како што се АБС кочниците и системите за контрола на пролизгување на гумите, не ѝ пркосат на физиката.
Почитување на правилото за три секунди:
Секој возач треба да е запознаен и да го почитува правилото од три секунди: Кога возилото пред вас поминува покрај статичен предмет (како телефонска говорница или дрво) полека избројте до три. Ако стигнете до предметот пред да кажете три, значи дека возите преблизу до возилото пред вас. Кога временските услови се лоши, зголемете ја оддалеченоста на шест секунди.
Давајте трепкач кога вртите:
Доколку не им сигнализирате на учесниците во сообраќајот дека вртите, се изложувате на голем ризик. Другите учесници во сообраќајот не се видовити и не можат да знаат кои се вашите намери. Сигнализирањето е од посебна важност за безбедноста на мотоциклистите, велосипедистите и на пешаците. Доколку не можете да ги видите и само претпоставите дека нема никој и едноставно свртите без да сигнализирате, тие нема да знаат кои се вашите намери и најверојатно ќе настрадаат најмногу во случај на незгода.
Не попречувајте го текот на сообраќајот:
Возењето со премала брзина некогаш може да биде поопасно дури и од возењето со недозволена брзина. Во случај на голем метеж на патот, доволни се само едно возило и возач за да создадат пречки. Мотоциклист што сака да се истакне, застој на семафорот и нормалниот тек на сообраќајот е прекинат. Кога се обидувате да се прилагодите на текот на сообраќајот, возилото позади вас секогаш се обидува да ја зголеми брзината, без разлика дали веќе сте на граница на дозволената брзина. Другиот возач можеби се брза, така што е најдобро и најљубезно и вие да се прилагодите на неговото/нејзиното темпо на возење. Не е ваша работа да ги одредите границите на дозволената брзина, оставете им го тоа на полицијата.
Одржувајте ја соодветната брзина:
Брзината, како поим, не може да ве убие. Доколку беше така, кај авиотранспортот, кој достигнува брзина и од 800 километри на час, стапката на незгоди со фатални последици ќе беше најголема. Всушност, авиотранспортот е многу побезбедна форма на патување од возењето и само мал број возила можат да достигнат брзина од 800 километри на час.
Вистинскиот проблем е неприлагодената брзина. Брзината од околу 100 километри на час на автопат е сосема нормална и дозволена според законот, но ако не ја намалите во случај на лоши временски услови, како на пример дожд или снег, вашата способност да гледате јасно на патот, како и способноста на автомобилот да запре во вакви услови се намалува, со што шансите за сообраќајна незгода се зголемуваат.
Исто така, доколку возите на пат што не ви е познат, особено на селски пат каде што има многу свиоци, нема да можете да возите со иста брзина како на патот што ви е познат. Бидете разумни и прилагодете ја вашата брзина на временските услови на начин на кој вам ќе ви биде удобно.
Планирајте однапред/погледнувајте во сите ретровизори и огледала:
Предвидете го моментот на закочување и премин во друга лента, со тоа што постојано ќе внимавате на сѐ околу вас, на однесувањето на возачите, пешаците итн. Доколку го следите ова златно правило, нема да има речиси никогаш потреба одненадеж да закочите или, пак, нагло да завртите за да избегнете евентуални незгодни ситуации. Најдобрите возачи се секогаш „на штрек“, можат совршено да ја предвидат ситуацијата и знаат сѐ што се случува околу нив. Секогаш погледнувајте во сите ретровизори и огледала.
Возете во вашите граници на дозволена брзина, во границите на онаа што ја диктираат временските услови и во границите што ги дозволува вашето возило:
Теренските возила не се на ист начин опремени како спортските возила за големи брзини и во случај на снег, спортските возила не се толку сигурни за патување. Постарите возила што немаат модерни гуми или системи за сигурност и контрола на гумите при пролизгување.
Тоа значи дека доколку имате такво возило ќе ви треба повеќе време да закочите и ваквото возило може многу полесно да „пролизга“од новите возила кои имаат електронски помагала за стабилност при возењето. Не возете побрзо од она што вие и вашето возило можете да си го дозволите и да оставите простор за реагирање и исправки во време на кризни ситуации.
Доколку сакате да станете уште подобар возач:
…и да научите како да се однесувате во ризични ситуации како панично закочување или губење контрола над возилото, можеби треба да посетите некои од курсевите на автошколите, кои ќе ве научат како да се справувате со ваквите ситуации, под надзор на стручно лице.
Повеќе информации за безбедноста во возењето можете да најдете на следниот авторитетна веб-страна www.safedrivingforlife.info.